Азилантите се враќаат во истата сиромаштија

Вратени баратели на азил од Македонија во 2010 година.

Пред повеќе од две години, белгискиот секретар за миграции Ватле ја посети Македонија и рече дека се прават напори за помагање на целиот регион за да се намали бројот на лажни азиланти. Сепак, се чини дека од тогаш не е многу променето.
Инвестирајте во областите од каде што има најмногу баратели на азил во Европската унија за да го подобрите нивниот животен стандард, им порача на властите државниот секретар за иселеништво и емиграција на Кралството Белгија, Мелкиор Ватле при неговата посета на Македонија во 2010 година. Повеќе од две години по неговото доаѓање, се чини дека ситуацијата на теренот не е воопшто подобрена. Ватле тогаш ги посети Куманово, Липково и Шуто Оризари и рече дека се прават напори за помагање на целиот регион.
Сиромаштијата е главна причина поради која граѓаните бараат излез. Јас колку што имам информации никој не барал политички азил, туку тие таму бараат економски азил.
Неџати Османи, секретар на општина Липково.

Вети дека ќе помогне, ама ништо не е инвестирано, вели секретарот на општина Липково Неџати Османи. Тој вели дека општината работи на водоводот, канализација и на патната инфраструктура, но оти на Липково му е потребно отворање на работни места.

„Нешто да се отвора, некоја нова инвестиција, нешто да се произведува и луѓето да се вработуваат, да има такво нешто до ден денеска нема. Сиромаштијата е главна причина поради која граѓаните бараат излез. Јас колку што имам информации никој не барал политички азил, туку тие таму бараат економски азил.“
Не само што нема подобрување, ние гледаме дека е влошена нивната состојба. Невработеноста е најголем проблем, укинување на социјалната парична помош кај семејствата кои веќе остварувале, да не зборуваме за онаа целна група која сè уште нема лична документација.
Љатифа Шиковска, невладина организација Амбрела од Шуто Оризари.

Љатифа Шиковска од невладината организација Амбрела од Шуто Оризари вели дека ситуацијата во изминативе две години, не само што не е подобрена, туку напротив е влошена.

„Не само што нема подобрување, ние гледаме дека е влошена нивната состојба. Невработеноста е најголем проблем, укинување на социјалната парична помош кај семејствата кои веќе остварувале, да не зборуваме за онаа целна група која сè уште го нема регулирано статусот во Република Македонија, односно сè уште немаат лична документација. Значи, ако мене ми е добро во сопствената држава, тогаш јас немам причина да ја напуштам.“

Шиковска потсетува дека во Шуто Оризари сè уште има семејства што живеат без струја и без вода, но сепак нагласува дека зголемениот број баратели на азил од Македонија најмногу се должи на неинформираноста на граѓаните.

Шест земји од шенген зоната реагираа на приливот на лажни азиланти од Македонија и регионот. Министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ побарaа, на состанокот кој е закажан за 25 октомври да се разговара за итни мерки кои би се спровеле со цел да се запре напливот од „лажни азиланти“ од Западен Балкан, но не е побарано да се разгледува повторно воведување на визи.