Крајот на илузијата на македонските Коперфилди?

Градоначалниците на Скопје и на општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, како и премиерот Никола Груевски присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на шеталиштето Сквер Јадран во центарот на Скопје.

Дали евентаулниот почетокот на преговорите за членство во ЕУ, за што се очекува „зелено светло“ на самитот на Унијата во декември, ќе започне да ја растерува маглата на илузијата која предолго трае во Македонија. Дали почетокот ќе го означи крајот на животот во минатото на сметка на иднината. Дали тогаш реално ке почнеме да зборуваме за состојбите во државата и односите со соседите и светот или пак, ке ја тераме така успешно, поуспешно и најуспешно на сите планови и полиња, па додека трае нека трае....
Македонија ја доби „НАЈ НАЈ“ убавата препораката за членство од ЕУ досега, а обврската за името како да се се пренебрегнува. Македонија е брзорастечка економија со прогнози на гувернерот на Народна банка од едвај НУЛА проценти раст на годишно ниво. Странските инвестиции се зголемуваат, или како што велеше Виктор Мизо, кружат околу нас и едвај чекаат да инвестираат. Се отвораат нови работни места, а во суштина против невработеноста државата се бори со бирократски методи. Е, а демек, дури и младите од дијаспората се враќале дома, иако, податоците говорат дека од 1998 до 2011 се иселиле над 230 илјади граѓани во ЕУ и САД што е над 10 насто од вкупното население на Македонија.
Игнорирањето на овие луѓе не значи дека тие ги нема.
Џелал Хоџиќ, граѓанска иницијатива АМАН.

Нејсе, во нашата Македонија кога има рецесија тогаш таа е „позитивна“. Македонија е земја на илузијата во која официјално секој трет граѓанин е сиромашен, но затоа, пак, е намален бројот на корисници на социјална помош за 17 проценти, како што констатира министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Може сето тоа да е за поени, а потоа заедно ќе пијат кафе и ќе се смират.
Анкетиран граѓанин.

„Игнорирањето на овие луѓе не значи дека тие ги нема“, ќе рече Џелал Хоџиќ од граѓанската иницијатива АМАН.

Премиерот Никола Груевски на жетва во Пелагонија.

Даноците се ниски, медиумите слободни, а во меѓуетничките односи речиси и да нема проблеми. Тоа што се случуваше во владината коалиција, исто така, нема врска!

„Може сето тоа да е за поени, а потоа заедно ќе пијат кафе и ќе се смират“, вели анкетиран граѓанин.
На нив им е супер, и на едните и на другите, на нас не ни е.
Анкетиран граѓанин.

Тоа е само проблем за кој отворено зборувам, ќе рече премиерот Груевски зборувајќи за довербата на владата во Собранието. Потоа вети враќање на ДДВ–то, зголемување на пензиите – што значи нови кредити и пари што ќе треба некои други Македонци да ги враќаат. А во меѓувреме, додека владините партнери, демек, очи си вадеа за новите имиња за училиштата во Чаир – ете никна споменик на Хасан Приштина и тоа со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Е сега не е проблем името или делото на „Хасан Приштина“, ами политиката во стилот едно зборувам, а друго правам.

И тоа не е сè
Голем дел од граѓанските организации се во некои нелојални односи со различни политички партии.
Владимир Мисев, политиколог.

Нејсе, Македонија е библиска земја и некои непознати сили сигурно се во прашање кога оваа политичко-медиумска групација верува дека поседува натприродна магиска моќ во убедувањето на народот дека сето горенаведено е вистина.

Таквиот обид за манипулација на реалноста во цела една држава, сигурно би го разонодила светскиот илузионист Дејвид Коперфилд доколку не би го знаел фактот за посебноста на кодот на луѓето кои се раѓаат на тлото на „најубавата, најбогата и најславна“, од сите славни и преславни земји во светот, како што од навек не учеа во училиште.

Да се разбереме, јасно е дека политичарите и нивните медиумски мегафони поради лукративни причини „нè работат“ сите овие години. При тоа, не станува збор за периодот на едноумието, туку на времето на демократското владеење во самостојна Република Македонија. Или што би рекол еден наш граѓанин:

„На нив им е супер, и на едните и на другите, на нас не ни е.“

Исто е ама не е исто.

Е, сега сите демек биле исти? Тоа е најчестото излезно решение по неколкучасовна политичка кафеанска дебата меѓу пријатели - неистомисленици. Тоа е одговор со цел да си заминат дома нескарани. Тоа е „разумен компромис“ без да се постигне компромис.

​Сепак, постои барем минимум согласност дека „исто е, ама не е исто“ кога станува збор за последните шест години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, последните четири заедно со ДУИ - години многу поразлични од претходните 14, во кои и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беа наизменично на власт.

Оваа политичка гарнитура за шест години донесе нов квалитет во илузијата на владеењето, кое веројатно го зашемети дури и традиционално недоверливиот Македонец. Комбинацијата на силни медиумски кампањи, слаба опозиција и гушењето на секаков граѓански отпор и притисоци врз новинарите се покажаа како убиствена комбинација, пред сè за демократијата во Македонија.

Тоа што некои стравуваат, а други не сакаат да зборуваат од принцип нели, зборува всушност за влијанието на политиката врз граѓанскиот сектор, смета политикологот Владимир Мисев.

„Голем дел од граѓанските организации, пак, од друга страна, се во некои нелојални односи со различни политички партии кои што, според мене, се во спротивност со нивната мисија и со нивните цели на работа.“

Така и бизнисмените стравуваат да кажат А оти ни Д од ДДВ-то нема да видат. Башка и следниот ден инспекција ќе им затропа на порти. Што би се рекло „Инспекторот ѕвони колку што сака“, како што беше насловена анкетата на невладината АГТИС направена пролетта.

Добар дел од медиумите преживуваа од владини реклами и под притисок на сопствениците со народни пари ја ширеа илузијата за божјото потекло на Македоноидите, за надворешните непријатели и домашните предавници. Македонецот поживеа во славното минато, му дојде убаво на душата, гледајќи во Воинот на коњ, го глорифицираше новиот лидер и можеби за момент заборави на гладот и на безперспективноста.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Воинот на коњ“ се издигна во Скопје

На многумина не им беше и не им е важно дали лавовите на мостот Гоце Делчев чинат 250 илјади или 2,5 милиони по парче, но денеска повеќето само глумат замаеност.

Во иднина ќе се... Во иднина ќе се отвори фабрика, дека во иднина ќе се реализира некој проект или дека во иднина ќе дојде некој од надвор и ќе донесе пари, меѓутоа за жал сè останува на зборчето ќе.
Драге Јовановски, поранешен синдикалец.

Премиерот Никола Груевски ги посети Македонци кои живеат во Голо Брдо, Албанија на 15 октомври 2011.


Мнозинството денеска ќе одговори дека е во ред да се прават споменици, ама би било поарно, ќе речат експерти, потрошените милиони да се вложеа во економијата кога веќе имаме толкава сиромаштија. Да беше така, и власта тие 250 или многу повеќе милиони евра што ги даде за спомениците да ги инвестираше во инфраструктурата, во економијата и навреме да ги враќаше долговите, можеби денес растот ќе беше поголем од НУЛА и вистински ќе се намалеше невработеноста и бројот на социјалците. Но во тој случај немаше да има споменици по кои во иднина ќе се препознаваше времето на лидерот, без разлика на последиците.
Мислам дека е изговор за да се остане на ова статус кво, кое на нас реално не ни одговара.
Арсим Синани, универзитетски професор.

Средба на премиерот Никола Груевски со македонските иселеници во Торонто.

Кога ќе читаме во извештаите на ЕК, кога ќе ни кажат дека законот за тоа и тоа е донесен, меѓутоа не се применува, тоа го пишуваат затоа што од авион се гледа дека не се применува, а не затоа што е направена некаква анализа. Во моментот кога ќе се направи скринингот ќе се обелодени колку во Македонија законите не се применуваат, во тој случај голем дел од „шминката“ што ја прави владата со божемната европска интеграција, ќе падне во вода.
Лидија Димова, Македонски центар за европско образование.
Власта не само што ни го штитеше националниот идентитет, ами еве и националното здравје на нацијата. Ај белки и тоа за здравјето нема да оди на референдум.

Цело е кога има сè!

Прашање за иднината е дали илузионистите и натаму ќе сервираат економски успеси по секоја цена, па дури и кога бродот тоне. Дали во услови на официјална рецесија ќе се предлагаат решенија или нивните медиумски мегафони ќе измислуваат - „позитивна рецесија“. Дали власта ќе се соочи вистински со проблемот на емиграцијата на младите или ќе се остварат претпоставките на САД и на Светската банка, како што пишува Капитал, дека до 2030 година Македонија ќе има одвај 1.800.000 жители.

За да не биде така, во иднина белки нема да има толку „ЌЕ“, што би рекол Драге Јовановски кој како правен советник мина добар дел од животот во Синдикатот.

„Во иднина ќе се... Во иднина ќе се отвори фабрика, дека во иднина ќе се реализира некој проект или дека во иднина ќе дојде некој од надвор и ќе донесе пари, меѓутоа за жал сè останува на зборчето ќе.“

И дали проевропската посветеност ќе стане вистинска, а не илузорна? Или проблемот со Грција и натаму ќе биде само изговор за статус кво, за пролонгирање на реформите, како што смета универзитетскиот професор Арсим Синани.

„Мислам дека е изговор, изговор за да се остане на ова статус кво, кое на нас реално не ни одговара.“

Бидејки, во суштина, многумина, како на пример Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование, се склони да речат дека политичката и бизнис елита има уплав од моментот на почнувањето на вистински преговори и кога ќе почнат сенките на ЕУ да го набљудуваат секој процес во земјата.

„Кога ќе читаме во извештаите на ЕК, кога ќе ни кажат дека законот за тоа и тоа е донесен, меѓутоа не се применува, тоа го пишуваат затоа што од авион се гледа дека не се применува, а не затоа што е направена некаква анализа. Во моментот кога ќе се направи скринингот ќе се обелодени колку во Македонија законите не се применуваат, во тој случај голем дел од „шминката“ што ја прави владата со божемната европска интеграција, ќе падне во вода.“

Но дури и во Македонија илузијата не може да биде вечна состојба, бидејќи Македонците се махери на привидот да одговорат со привид. „Ти ме мафташ, а јас кобајаги ти верувам“ - по што „илузионистот владетел“ на крајот ќе биде збунет.

Сепак, можеби сме на почеток на едно „ново возење“, доколку ЕУ се согласи за почеток на преговорите со Македонија, а скептицизмот да е само резултат на минатото искуство.