Три причини за препораката за преговори

Евроамбасадорот Аиов Орав му го презентира извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.

Успешниот Дијалог на високо ниво, меѓуетничките тензии и зголемената можност која сега ЕК ја има да ги сопре преговорите, се, како што наведуваат дипломати на ЕУ во Брисел за Радио Слободна Европа, трите клучни причини поради кои се предлага почеток на преговори со Македонија со услов решавање на проблемот за името во раната фаза.
„Одлука на Европскиот Совет да отвори преговори ќе помогне во креирањето услови за изнаоѓање решение за прашањето за името.“

Тоа е надежта и тоа е целта, како што изјави евро комесарот за проширување Штефан Филе, со давањето препорака за почнувањето на преговорите, што треба да биде потврдено на самитот на ЕУ во Декември. Како и да е, како што се дознава од дипломатски извори во Брисел, три се причините поради кои Европската Комисија се реши по четврти пат да препорача почеток на преговорите со Македонија за полноправно членство, јасно ставајќи до знаење дека проблемот за името мора да биде решен во раната фаза од процесот.
Одлука на Европскиот Совет да отвори преговори ќе помогне во креирањето услови за изнаоѓање решение за прашањето за името“.
Штефан Филе, еврокомесар за проширување.

Првата причина е успешниот Дијалог на високо ниво.

Дипломати во ЕК сметаат дека на трите рунди од Дијалогот на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ е постигнат значителен напредок, или, како што велат, конкретен прогрес во 5 области, Со дијалогот е надмината и националнистичката реторика и ЕУ повторно е вратена во фокусот на македонската политика. Она што сепак ја помрднало целата работа напред, како што велат за РСЕ дипломатите, е фактот што за време на третата рунда станало јасно дека, иако по евидентниот застој реформите се вратени на правиот пат, оти, сепак, тоа не е доволно, туку дека од особена важност се добрососедските односи што е потврдено и со параграфот ставен во оваа последна рунда од дијалогот.

Втора причина се меѓуетничките тензии

Интеграцијата во ЕУ и НАТО, како што сметаат во Брисел, служеше како лепило кое ги држи заедно етничките заедници во Македонија. Долгите години чекање пред затворената врата на ЕУ имаа свое влијание и лепилото почна да се топи. Гледавме влошување на состојбите, гледавме криза и разговори за предвремени избори и тоа се елементи кои требаат да се земат предвид, велат дипломатите.

Третата причина е новиот пристап во процесот на проширувањето

Со двете поглавја 23 и 24, со кои почнуваат преговорите за членство, сега ЕК има многу повеќе инструменти да ги забави или целосно стопира преговорите, доколку земјата не ги исполни фундаменталните прашања. Тоа порано, сметаат дипломатите, беше по проблематично.

Штефан Филе и Теута Арифи


Поради овие причини, велат за РСЕ дипломати во Брисел, се реши да се предложи почеток на преговорите со Македонија со јасно ставање до знаење дека проблемот со името мора да се реши во раната фаза од процесот.

„Ставивме јасно до знаење дека ако ова не се реши тогаш тоа ќе има огромен импакт врз целиот процес“, изјавија дипломати на ЕУ.

Од македонска страна ја бележиме само изјавата на премиерот Никола Груевски кој откако го прими извештајот за напредокот на Македонија од евроамбасадорот Аиво Орав на новинарското прашање зашто оваа препорака која доаѓа по четврти пат е подобра од претходните кога содржи рамка за преговорите за името одговори дека во овој извештај е забележан најголем напредок, а што се однесува до јужниот сосед Владата го поздравува обидот за воспоставување на комуникација со меморандумот додавајќи дека во иднина се надева оти таа комуникација ќе биде посуштинска.