Груевски - датумот за преговори ќе отвари ново поглавје за Македонија

Евроамбасадорот во Македонија Аиво Орав на премиерот Никола Груевски му го врачи Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Македонија по четврти пат доби препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Со доделувањето на датум за пристапни преговори, Советот на Европската унија ќе отвори ново поглавје за нашата земја, изјави премиерот Груевски.
Македонија по четврти пат доби препорака за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Во најновиот извештај за напредокот на нашата земја, Комисијата заклучува дека земјава успешно ги спроведува политичките критериуми за членство. Сепак укажува на потребата од имплементирање на реформите во одредени области.
Силно веруваме дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливоста на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи, од кое регионот како целина ќе има корист.
Штефан Филе, еврокомесар за проширување.

„Силно веруваме дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливоста на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи, од кое регионот како целина ќе има корист“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Евроамбасадорот во земјава Аиво Орав посочи дека комисијата предлага отворање на пристапните преговори, но тоа како што рече овојпат е направено на поинаков начин.

Евроамбасадорот Аиов Орав го презентира извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во Скопје.


„Извештајот за напредокот оваа година е навистина за напредок. Комисијата е подготвена сега да ги започне преговорите со Македонија без да биде претходно решено прашањето со името. Значи овие два процеса преговорите и решавањето на спорот за името ќе можат да одат паралелно. Сега засега нема поставено временски рок за решавање на спорот, но е пожелно тоа да биде што е можно поскоро, подвлече претставникот на ЕУ во Македонија.
Со доделувањето на датум за пристапни преговори, Советот на Европската унија и земјите членки ќе отворат едно ново поглавје за нашата земја, но и за регионот, чин кој ние ќе знаеме да го оцениме и да го вреднуваме.
Никола Груевски,премиер на Република Македонија.

Нашата цел никој не треба да ја доведува под знак прашање, а тоа е дека сакаме датум за преговори и сакаме да станеме членка на ЕУ, рече премиерот Никола Груевски.

„Со доделувањето на датум за пристапни преговори, Советот на Европската унија и земјите членки ќе отворат едно ново поглавје за нашата земја, но и за регионот, чин кој ние ќе знаеме да го оцениме и да го вреднуваме“.

Евроамбасадорот Аиов Орав му го презентира извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.


Во годинашниот извештај вратена е и придавката македонски. Претседателот Ѓорге Иванов тоа го оцени како резултат на неговите реакции до европските дипломати.

„Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по било кој дел на нашиот идентитет“.
Покрај позитивните елементи, се содржат и сериозни забелешки за недоволен или никаков напредок во некои важни области.
Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

На средбата со Орав, Иванов потенцирал дека посветеноста на Македонија кон реформските процеси останува на високо ниво и дека не постои ниту еден рационален аргумент зошто да не добие датум за почеток на пристапните преговори во декември.
Претседателот на македонското собрание Трајко Вељаноски изјави дека извештајот за напредокот на Македонија е реален приказ на постигнатото во изминатиот едногодишен период.

И опозициската СДСМ го поздрави позитивниот извештај од ЕК, но од Владата побара да ги признае и забелешките.

„Покрај позитивните елементи, се содржат и сериозни забелешки за недоволен или никаков напредок во некои важни области“, изјави потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ уверува дека забелешките на комисијата ќе бидат земени предвид.

„Тие секогаш биле земани во предвид и ги цениме за релевантни, добронамерни сугестии“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Препораката на Комисијата не е поразлична од минатогодишната, реагираа од Демократската Унија за интеграција.

„Но евидентен е притисокот на Унијата врз нејзините земји членки да се одобри датум за преговори на декемврискиот самит“, изјави Хајрула Мисини од ДУИ.

Македонија го доби кандидатскиот статус во 2005, а четири години подоцна и оценката дека ги исполнила политичките критериуми за отворање на преговорите за членство. Препораката се повторува, но заедно со неа и стандардните забелешки дека се потребни засилени реформи во судството, администрацијата, состојбата со медиумите, борбата против корупцијата.