Владата ја преживеа интерпелацијата

Владата ја преживеа интерпелацијата

За останување на владата на Никола Груевски на власт гласаа 68 пратеници, додека 42 пратеници беа против. Немаше воздржани.
Собранието и изгласа доверба на владата. За останување на владата на Никола Груевски на власт гласаа 68 пратеници, додека 42 пратеници беа против. Немаше воздржани.

Интерпелацијата ја поднесе опозицијата, за како што рекоа, да докажат дека владината криза е само обична глума за зголемување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Што не го решивте проблемот со името додека бевте на власт и зошто не ги исполнивте критериумите за НАТО и за ЕУ.
Никола Груевски, премиер.

Непосредно пред гласањето за доверба, во своето излагање, премиерот Никола Груевски рече дека опозицијата во сè гледа сценарио затоа што е навикната на таков начин на работа и потсети на сите неуспеси за време на владеењето на СДСМ, посочувајќи дека сега такви работи не се случуваат.

Архивска фотографија.


Мислам дека настанот во Слупчане беше контрапродуктивен, рече премиерот Груевски и посочи дека остро реагирал на тоа. За него, промената на таблите на училиштата е акт на провокација, кој не придонесува кон градење доверба. Груевски рече дека има судска постапка за законско разрешување за тој случај и нагласи дека законот мора да се почитува.
Денес господине Груевски падна Милошевиќ, политичарот со чие владеење имате најмногу сличности. Петти октомври, среќен за Србија, а дај Боже и за Македонија.
Јани Макрадули, СДСМ.

Тој рече дека кризата меѓу коалициските партнери не е фингирана. Не сакам да бидам премиер по секоја цена и поради фотелјата да молчам за работите со кои не се согласувам, рече тој.

Груевски не се согласи со критиките на опозицијата дека Македонија е неуспешна и на економски и на политички план.

Тој рече дека сега има повеќе инвестиции отколку во времето на СДСМ, просечната плата е поголема, пензиите се поголеми, даноците се намалени, девизните резерви се зголемени, субвенциите за земјоделците се на историски највисоко ниво, за овие 6 години е удвоено земјоделското производство и дека Македонија е меѓу најмалку задолжените земји во Европа, една од земјите со најмал буџетски дефицит, еден од најдобрите реформатори според Дуинг бизнис. Потоа ги посочи откупот на дворови и легализација на дивоградби за 1 евро за метар квадратен, поевтини лекови, инвестиции во здравство, два нови универзитети, намалена партиципација за студирање, инвестиции во образованието, евтини кредити за компаниите, нови патишта, модернизирани двата аеродроми, зголемени социјалните трансфери.

На обвинувањата за закочени евроинтеграции, премиерот Никола Груевски посочи дека Македонија три години по ред добива позитивни извештаи и препорака за почеток на преговори со ЕУ, доби визна либерализација и оти се исполнети сите критериуми за членство во НАТО.

Што не го решивте проблемот со името додека бевте на власт и зошто не ги исполнивте критериумите за НАТО и за ЕУ, праша премиерот Груевски.

Тој рече дека не посакува предвремени парламентарни избори, зашто повторно ќе победат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но оти е подготвен за избори во секој момент.

На гласањето доверба му претходеше целодневна жестока расправа. Опозицијата обвини дека власта ги влошува меѓуетничките односи, за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да може да глумат лажен патриотизам пред своите етнички табори. За СДСМ, владејачката коалиција е тендерско-фотелјашка и работи спротивно на интересите на државата.

Опозицијата го обвини Груевски дека неговото владеење потсетува на владеењето на Слободан Милошевиќ во Србија.

„Денес господине Груевски падна Милошевиќ, политичарот со чие владеење имате најмногу сличности. Петти октомври, среќен за Србија, а дај Боже и за Македонија“, рече пратеникот Јани Макрадули од СДСМ.

ДУИ и ДПА, пак, се навредуваа дека се „дебили“ и „бандити“.

Последен пат гласање за доверба на Владата имаше на 7 јуни 2007 година, кога претседател на Парламентот беше Љубиша Георгиевски, а премиер Никола Груевски. Владата и тогаш доби доверба од Законодавниот дом.