Опасна меѓуетничка поделеност во Собранието

Протести против апсењата за убиството кај Смиљковското Езеро на 11 мај 2012 во Скопје.

Опасната политичка игра што се води во Парламентот околу предлог законот за бранители може да се прелее и на улиците, велат аналитичарите.
Поделеноста по етничка линија во Собранието што настана по предлог законот за бранителите поднесен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ е опасна и може да доведе до зголемени тензии во и онака кревките меѓуетнички односи, велат експертите. Тоа доведе до стравување дека таквата поделба може да придонесе до посериозна криза надвор од парламентот.
Тоа ќе се прелее и кај граѓаните, па ќе бидеме сведоци на тензии на социјалните мрежи, по медиумите, ако не се престане со ова секако ќе се оди во тој правец. Ќе почнат и медиумите да фаќаат страни, ќе излегуваат експертите ќе фаќаат страни, па тензиите ќе се зголемат.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Дел од пратениците на вчерашната собраниска комисија предупредија дека со овој закон Македонија може да ја прокоцка шансата да добие позитивен извештај од Европската комисија и евентуален датум за преговори.

Во март во Скопје имаше меѓуетнички насилства во автобусите.


Експертите се сложни дека опасната политичка игра што се води во Парламентот може да влијае на сите општествени сфери. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека интензитетот на опасноста зависи од правецот во кој понатаму ќе се одвиваат настаните.

„Ова ако оди во погрешен правец може да значи продлабочување на тие јазови меѓу двете етнички заедници што може да доведе до поголеми тензии, а тензиите може да водат до конфликти. Сега не верувам дека ние ќе стигнеме до фаза на конфликт, теоретска можност секогаш постои, но не и во пракса.“
Оние што се умерени од едната и другата страна први ќе страдаат и ќе бидат елиминирани дури и од медиумите. Тоа се случуваше во 2001 година. Секој што повикуваше на разум и умереност немаше место и можности тој глас да се слушне.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Тој очекува таквите тензии наскоро да се прелеат и надвор од Парламентот. Тоа, како што вели, е нешто што е веќе видено.

„Тоа ќе се прелее и кај граѓаните, па ќе бидеме сведоци на тензии на социјалните мрежи, по медиумите, ако не се престане со ова секако ќе се оди во тој правец. Ќе почнат и медиумите да фаќаат страни, ќе излегуваат експертите ќе фаќаат страни, па тензиите ќе се зголемат.“

Политичката игра во Собранието е многу опасна, а веројатно учесниците ги интересира само исходот, а тоа е што подобро да се пласираат и претстават пред гласачите за изборите кои очигледно наближуваат, вели професор Мирјана Малеска.

„Спротивставените страни, тоа во овој случај е многу опасна поделба, од една страна Македонци, а од друга Албанци, односно нивните политички преставници. До каде може да оди оваа поделба и дали може да се излее на улица, ништо во политиката не е невозможно, но од друга страна контекстот е сменет во однос на 2001 година, Балканот е постабилизиран.“

Таа додава дека со оглед на влијанието на меѓународната заедница и случувањата во регионот, тешко дека ќе може да дојде до посериозни вооружени конфликти, но таквата непријатна поделеност ќе доведе до постепено групирање на луѓето по нивната етничка припадност.

„Оние што се умерени од едната и другата страна први ќе страдаат и ќе бидат елиминирани дури и од медиумите. Тоа се случуваше во 2001 година. Секој што повикуваше на разум и умереност немаше место и можности тој глас да се слушне.“

Муслиу смета дека причината за ваквата поделеност е во тоа што сè уште не е дојдено до заедничка вистина за она што се случи во 2001 година затоа што во изминативе десетина години се импровизираше со вистината. Тој додава дека ако се зголемат тензиите може да очекуваме инсистирање од меѓународните пријатели да се смират тензиите и ќе ни се повторуваат слики од минатото, а со тоа и ќе се загрозат евроинтеграциските процеси.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе и претседателот на Европската комисија Херман вон Ромпуј, по средбите со претседателот Ѓорге Иванов, истакнаа дека внатрешната стабилност и јакнењето на меѓуетничките односи се дел од клучните фактори за подобрување на состојбите во земјава.

Расправата за Законот за бранителите, околу кој вчера се кршеа копја меѓу членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика, денеска продолжува.