Младите колумнисти најкоментирани

Младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа, во која неделава пишуваат активистот и режисер Иво Бару и Енес Ибрахим од невладината организација Уфук, предизвикала најголем интерес кај читателите.
На нашата веб-страница, почитувани, во редовната младинска он-лајн колумна, овојпат ни пишуваат двајца млади мажи.
Ако Македонија е составена од две етнички заедници, нека ги протераат другите, а ако е мултиетничка држава - нека се почитуваат законите и да се почитуваме меѓу себе.
Коментар од читател.

Едниот, Енес Ибрахим, претседател на невладината Уфук, кој се застапува оваа држава да изгради политика за млади и за младите припадници на турската етничка заедница, и кој смета дека особено се изразени проблемите во средното образование, при што поради немање услови децата се принудени да патуваат во други градови за да учат на мајчиниот јазик. Саше од Велес коментира дека за жал, кај нас нема мултиетничка демократија, туку политизирана демократска игра, со што се маргинализираат припадниците на другите етнички заедници. Саше констатира дека доколку власта навистина сака мултиетничка демократија, во Скопје 2014 ќе изградела и споменик на Мустафа Кемал Ататурк.

Мехмет пишува: „Ако Македонија е составена од две етнички заедници, нека ги протераат другите, а ако е мултиетничка држава - нека се почитуваат законите и да се почитуваме меѓу себе“.

Хасан смета дека невладината Уфук станала глас на Турците во Македонија која информира за нивните проблеми со сериозната работа и активното залагање за граѓанско општество.

И еден друг млад човек пишува во он-лајн колумната на Радио Слободна Европа: Иво Бару, активист и режисер, кој забележува дека на протестите на Аман против поскапувањата на струјата и парното имал можност да запознае еден поинаков тип луѓе, луѓе кои не се плашат да им застанат на патот на лагите, манипулациите и политичките интереси и луѓе кои општото добро го ставаат пред личните интереси. Сега е моментот, другари и другарки активисти, извикува Иво Бару во колумната.

Даниел од Прилеп смета дека капитализмот ги направил невозможни за заштита основните човекови права на социјална заштита, но некој потпишан со Чеинсо смета дека само барањата упатени кон Топлификација се реални, а другите, според него, немале допирна точка со реалноста.

И нашата анализа под наслов: „Граѓанскиот сектор во партиски канџи“ го предизвикала слушателот потпишан со Активист од Битола да ги пофали невладините Грин пауер и Ленка од Велес за нивната активност и смета дека тие се највлијателниот дел од НВО секторот во Македонија. На другите невладини спомнати во анализата тој има наоѓа мана и смета дека само трошеле пари.