БОШ Фестивал во Гевгелија по четврти пат

Српскиот бенд Мултиетничка атракција.

Замислен како мултимедијална платформа низ која се слави креативниот израз во урбан контекст, од 24 до 26 август, на неколку локации во централното градско подрачје на Гевгелија ќе се одржи четвртото издание на интернационалниот БОШ ФЕСТИВАЛ на кое ќе земат учество бројни уметници од земјава и од странство.
За почеток Групна изложба на скулптури и инсталации во гевгелиската Стара Чаршија. Потем Ангел Миов – еден од основачите на Арт-ИНСТИТУТ на Градски пазар ќе ја претстави својата интервенција во урбан простор, а веднаш потоа во фоајето на Градски театар постановката „Моми“ во која се здружени идеите и енергиите на седум уметници - Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска, Христина Зафировска. Следуваат Никола Радуловиќ со своето масло на платно „Confusion is sex“, Марија Милошевска со колекцијата филигран-фотографија „Оророк“ инспирирана од музиката и модели како Дарко Рундек, Која, Рамбо Амадеус и други, за да во 20 часот, премиерно на фестивалот и во Македонија, АТОМ ТЕАТАР од Софија, соседна Бугарија, ја одигра претставата „На работ“.

Отвореноста, достапноста и разноликоста во однос на културата и културната продукција е една од главните, ако не и главна, карактеристика на случувањата на БОШ ФЕСТИВАЛ па така и овојпат се стремиме кон она прогресивното, новото, можеби дискутабилното во одредени случаи, но сепак ние цврсто се држиме до слободата на израз и демократските принципи што се изразуваат преку културата и уметноста.
Ѓорѓи Камински, организатор на фестовалот.

Атом театар од Бугарија.

Станува збор за проект на младите актери младите актери Стефанија Георгиева, Христо Таков и Камен Марин кои во 2011 година по покана од француската асоцијација „Euroculture“ го создаваат својот прв спектакл кој изграден врз основа на музика и соединува проучување на различни театарски техники. Во рамките на тридневните случувања на БОШ ФЕСТИВАЛ 4 ќе биде претставена и 40-минутната програма на краткометражни филмови на д-р Стефан Сидовски, перформансот „Бош-пазар“ на Васил Михаил за кој е наведено дека е „интерактивен забавен парк каде секој ја гледа својата опачина“, „FEELINGBLUE“/„POSSIBLE CITY PROJECT“ - авторско дело на Атанас Ботев кој говори за опседнатоста и адиктивноста на корисниците на социјалните мрежи(на ниво на социолошки, општествен и културолошки феномен), БУДЕН ТЕАТАР ќе се претстави со „Јас, Љубам, Бог“, ќе бидат прикажани филмовите „Кратка историја на еден ангел“ на Константин Плевнеш, „Car Wash Cabaret“ на Јордан Дуков и Доријан Миловановиќ, ќе биде изведен театарскиот перформанс „Конфузија“ на Билјана Радиновска, а планирани се и настапи на групите АУТМАЈНД, ФЛЕТФАЈВ, ПОДЗЕМЕН ЕФЕКТ, МУЛТИЕТНИЧКА АТРАКЦИЈА од Белград и ди-џеј сетовите на Соња Исмаил, Јане Алтипармаков, Марчин, Дени Трајков и искусниот Пет Харт од Чешка.
На почетокот оној нов концепт, нова содржина, нов начин на гледање на работите и нештата не беше глатко прифатен од средината навикната на некои можеби поконвенционални форми на случувања, меѓутоа она на што ние сакавме да ставиме акцент е дека секогаш може и поинаку да се гледаат работите.
Ѓорѓи Камински, организатор на фестовалот.

„Отвореноста, достапноста и разноликоста во однос на културата и културната продукција е една од главните, ако не и главна, карактеристика на случувањата на БОШ ФЕСТИВАЛ па така и овојпат се стремиме кон она прогресивното, новото, можеби дискутабилното во одредени случаи, но сепак ние цврсто се држиме до слободата на израз и демократските принципи што се изразуваат преку културата и уметноста“, вели Ѓорѓи Камински од здружението „Арт еквилибриум“ од Гевгелија кои во соработка со Домот на култура и локалната самоуправа ја потпишуваат организацијата на четвртиот БОШ ФЕСТИВАЛ.

Инаку, првото издание на ова мултимедијална платформа низ која се слави креативниот израз во урбан контекст се случи во 2009 година во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски. Фестивалот од година во година оди само во нагорна линија, но Камински дополнува дека нималку не било лесно да се сторат првичните чекори ако се знае дека новитетите тешко се прифаќаат, а тие манифестацијата ја работат волонтерски.

„На почетокот оној нов концепт, нова содржина, нов начин на гледање на работите и нештата не беше глатко прифатен од средината навикната на некои можеби поконвенционални форми на случувања, меѓутоа она на што ние сакавме да ставиме акцент е дека секогаш може и поинаку да се гледаат работите“, вели Камински.

Кон ова само уште информацијата дека ќе бидат реализирани и неколку работилници и поетски читања, а во офф-програмата на БОШ ФЕСТИВАЛ ќе биде отворена изложбата „Елегија за старата железничка“ на уметницата Наташа Гелева.