„Леб и сол симфонија“ – автентична македонска класика

Со успешно претставување на проектот „ЛЕБ И СОЛ СИМФОНИЈА“ во рамките на „Охридско лето“, заокружена е серијата на перформанси што членовите на легендарниот македонски состав и Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ја стокмија за најголемите летни културни манифестации во земјава.
Најавуван како еден од неколкуте ексклузивни проекти на годинешново 52-ро издание на најголемата летна културна манифестација во земјава -„Охридско лето“, „ЛЕБ И СОЛ СИМФОНИЈА“, како заедничка уметничка креција на Бодан Арсовски, Никола Димушевски, Димитар Божиков и Михаил Парушев – актуелните членови на култната македонска група и Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на маестро Саша Николовски Ѓумар, безрезервно ги надмина очекувањата.
Од секогаш сум ги почитувал „Леб и сол“. Најмногу го почитувам тоа што основата отсекогаш била македонската народна песна, во рок обработка, а сега веќе и во друга димензија со симфониски оркестар.
Саша Николовски Ѓумар, диригент.

Независно од тоа што дождот ја услови неговата релокација од предворјето на црквата Света Софија во Домот на култура „Григор Прличев“, сепак публиката имаше преубава можност да ја открие досега нечуената димензија на музиката и философијата на составот кој во изминативе 35 години се проба во многу жанрови од џез до поп-рок, но секогаш потпирајќи го сопственото творештво на моќта на традицијата и вонвремениот македонски музички јазик.

Не очекуваат концерти, по кажувањето како единствен проект кој треба да продолжи по Охридско лето на светските фестивали. Се надевам дека некаде од ноември овој проект ќе почне да шета по светот.
Александар Герасимовски, продуцент.
Дури, слободно можеме да констатираме, дека во случајов со оркестрациите на Димушевски и мајсторската изведба на солистите, „ЛЕБ И СОЛ“ не само што го затвораат кругот во сопственото творештво како навистина голем и сериозен бенд од овие простори, туку и ја исцртуваат и траекторијата на битисување во времево на изместени вредности и какафонични атаци што ја стегаат јамката врз нашата автентична звуковност.

Од таму нималку не чуди што диригентот Николовски, непосредно по завршувањето на концертот, знае да каже дека тој и неговите студенти, сториле се’ што било во нивна моќ проектот да прозвучи како автентична македонска класика.

„Од секогаш сум ги почитувал „Леб и сол“. Најмногу го почитувам тоа што основата отсекогаш била македонската народна песна, во рок обработка, а сега веќе и во друга димензија со симфониски оркестар.“

Продуцентот Александар Герасимовски, пак, објаснувајќи дека идејата за „ЛЕБ И СОЛ СИМФОНИЈА“ практично датира од времето кога Музичката младина на Македонија го потпиша проектот на Димушевски – „Календар“, дополнува дека во случајов исчекориле неколку скалила погоре и на публиката и претставиле перформанс за кој се очекува да го продолжи својот од на фестивалите по регионот и во светот.

„Не очекуваат концерти, по кажувањето како единствен проект кој треба да продолжи по Охридско лето на светските фестивали. Се надевам дека некаде од ноември овој проект ќе почне да шета по светот.“

Инаку, овој несекојдневен културен настан се обистини во ноќта кога Охрид се давеше во југо-носталгија и во звуците на турбо-поп музиката на пејачот кој доби енормно големо внимание од македонските медиуми.