Иванов: Македонија е подготвена за решение

Средба на претседателот Ѓорге Иванов и посредникот на ОН Метју Нимиц во вила „Билјана“ Охрид.

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов попладнево во Охрид на средба со посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц ја потврди македонската државна позиција и посветеноста за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името, во рамки на воспоставениот формат, под покровителство на Обединетите нации.

„ Подготвени сме веднаш, неодложно, да седнеме на маса, да бараме и да најдеме решение. До решение е можно да се дојде. Очекувам од вас да апелирате кај другата страна да се придржува исклучиво до рамката во која се водат разговорите и да не навлегува во други прашања, како што се јазикот и идентитетот“, изјави Иванов.

Тој додава дека тоа се основните предуслови за изнаоѓање решение во кое нема да има победници и поразени.

Како што информира Кабинетот на Претседателот, шефот на државата нагласи дека Република Македонија останува конструктивна во процесот, подготвена за средби на највисоко ниво, за разгледување на нови иницијативи и интензивирање на дијалогот. Но истовремено,Македонија инсистира на целосно почитување на Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, и во таа насока очекува поддршка и од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатените договорни рамки, што е од пресудно значање.

Притоа, претседателот Иванов му пренесе на медијаторот Нимиц дека досега неколкупати го има покането Папуљас на средба, но дека нема одговор од грчкиот претседател.

Иванов му се заблагодари на посредникот Нимиц за досегашниот ангажман и посветеноста на Обединетите нации на ова прашање.

Нивната средба претходи на официјалната посета на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун кој вечерва ќе допатува во Охрид и ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов.