Блиски само за избори

Премиерот Никола Груевски во посета на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Политичарите инсистираат на солидаризирање со граѓаните, а со празни ветувања се надеваат дека ќе ги придобијат нивните гласови, велат експертите.
Опозицијата се растрча по села и градови и им влезе во домовите на граѓаните, а власта го прати подмладокот на пазарите да им помага на пензионерите. Се подготвува теренот за локалните избори и се оди на добро познатата карта.
Обврска на политичарите е да промовираат идеи и решенија кои им се блиски и им се потребни на граѓаните. Кај нас за жал тоа не е присутно, повеќе им се потенцира зближувањето, отколку решавањето на нивните секојдневни или подолгорочни проблеми.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Политичарите инсистираат на солидаризирање со граѓаните, а со празни ветувања се надеваат дека ќе ги придобијат нивните гласови, велат експертите. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека популизмот како појава е присутен од осамостојувањето на земјава. Во развиените општества контактот со народот е со цел да се идентификуваат и решат нивните проблеми, а не да се промовира блискост со нив.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на средба со граѓани.


„Обврска на политичарите е да промовираат идеи и решенија кои им се блиски и им се потребни на граѓаните. Кај нас за жал тоа не е присутно, повеќе им се потенцира зближувањето, отколку решавањето на нивните секојдневни или подолгорочни проблеми. Како пристап јас мислам дека не може да биде долгорочен затоа што ќе се дојде до фаза каде сите ќе станат пријатели , а сепак проблемите ќе постојат и нема да се решат.“
Но, тој поблизок контакт со народот има доста популистички призвук и добива некои смешни елементи кои меѓу другото покажуваат дека се претерува во таа насока, во желбата да се приближи партијата до гласачите.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Според професорот Здравко Савески во изминатите години бевме сведоци на елитистичка политика, а во последно време се инсистира на остварување поблизок контакт со народот.

„Но, тој поблизок контакт со народот има доста популистички призвук и добива некои смешни елементи кои меѓу другото покажуваат дека се претерува во таа насока, во желбата да се приближи партијата до гласачите“, вели Савески.

За жал ние како општество сме под постојан притисок на политичките партии и нивната потреба за самопромоција и таквата политика ќе трае се додека не почнат граѓаните да ги казнуваат, додава Муслиу.

„Затоа што за граѓаните не се битни желбите на политичарите или нивната блискост, туку се битни можностите и идеите за решавање на нивните проблеми, а за жал кај нас политичарите да го оттргнат вниманието од нерешените проблеми се впуштаат во некои популистички кампањи кои го одвлекуваат вниманието на јавноста од проблемите со кои тие се соочуваат.“

ОД ВМРО-ДПМНЕ најавија и новина во изборот на кандидати за градоначалник. Сите партиски членови и поддржувачи на владината политика ќе можат преку конкурс да се вклучат во трката.