Македонија нема спас од рецесија

Индустриското производство паѓа осум месеци по ред.

Потребни се капитални инвестиции, велат економистите, но потсетуваат дека ефектите од нив ќе се почувствуваат дури за неколку години.
Економистите со коишто разговаравме не се оптимисти дека македонската економија може да се подобри во вториот квартал од годинава. Ако БДП-то падне и во второто тримесечје, тоа ќе значи дека земјава влегла во рецесија со оглед на тоа што Државниот завод за статистика објави дека БДП-то се намалил за 1,4 отсто, а невработеноста достигна 31,6 отсто, односно се зголемила за 0,4 отсто во првите три месеци од годинава во споредба со истиот период минатата година.
Не гледам дека нешто многу може да се направи во моментов, тоа што требало да се направи веќе е пропуштено од последниве години. Да речеме сега владата да реши да гради автопат или некоја пруга, којашто да речеме ќе ја градат македонски компании. Па додека се направи тендер, додека се заврши сето тоа треба две години за да почне да се гради, а ефектите ќе се почувствуваат дури после пет години. Така што, тоа што е пропуштено наназад неколку години тешко ќе се надомести сега.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

Премиерот Никола Груевски изјави дека со оглед на тоа што македонските компании во најголем дел извезуваат во државите од ЕУ не е за изненадување што имаме пад на БДП-то во првиот квартал. Од друга страна, опозицијата ги лоцира причините за падот на економија во неспремноста на владата да се справи со последиците од кризата во Европа.

Економистите, пак, повикуваат на зголемување на капиталните инвестиции и потсетуваат дека ефектите од нив нема да се почувствуваат веднаш.

Универзитетскиот професор Сашо Арсов вели дека со оглед на големата зависност на македонската економија од случувањата во евро-зоната, не останува многу да се направи. Тој е скептичен дека евентуални анти-кризни мерки може да дадат голем ефект во моментов и препорачува непродуктивните трошења да се пренасочат во капитални инвестиции.
Кога зборувам за мерки за штедење мислам на ирационални инвестиции коишто немаат ништо заедничко со капиталните инвестиции во инфраструктура, енергетика и друга логистика, коишто на земјата може, ако не во овој момент или многу брзо, тогаш во иднина може да и дадат посилно место во една глобална конкуренција во европски рамки.
Ристо Гуштеров, бизнисмен.

„Не гледам дека нешто многу може да се направи во моментов, тоа што требало да се направи веќе е пропуштено од последниве години. Да речеме сега владата да реши да гради автопат или некоја пруга, којашто да речеме ќе ја градат македонски компании. Па додека се направи тендер, додека се заврши сето тоа треба две години за да почне да се гради, а ефектите ќе се почувствуваат дури после пет години. Така што, тоа што е пропуштено наназад неколку години тешко ќе се надомести сега“, вели Арсов.

Со сличен став е и бизнисменот Ристо Гуштеров. Тешко дека Македонија има енергија и капацитет да го спречи падот на економијата, со оглед на тоа што кризата во Европа, но и во светот, продолжува. Прво нешто што треба да се направи е да почне да се штеди, вели тој.

„Кога зборувам за мерки за штедење мислам на ирационални инвестиции коишто немаат ништо заедничко со капиталните инвестиции во инфраструктура, енергетика и друга логистика, коишто на земјата може, ако не во овој момент или многу брзо, тогаш во иднина може да и дадат посилно место во една глобална конкуренција во европски рамки. Ако владата и понатаму продолжи да смета дека капитални инвестиции се тие ирационални инвестиции во споменици, во услови на силна економска и финансиска криза во Европа и во светот, тогаш тие водат една погрешна економска политика“, вели Гуштеров.

Заводот за статистика објави дека прометот во индустријата во април се намалил за 12,4 отсто во однос на истиот месец минатата година, а индустриското производство опаѓа осум месеци по ред.