Самарас победи, Ципрас го призна поразот

Лидерот на Нова демократија, Андонис Самарас.

Лидерот на крајно левичарската партија Сириза Алексис Ципрас го призна поразот на вчерашните парламентарни избори во Грција. Според резултатите, конзервативната Нова демократија доби 29,5 насто од гласовите, Сириза 27 проценти, додека ПАСОК 12,3 насто.
Лидерот на Нова демократија Андонис Самарас оцени дека изборите покажале оти Грците сакаат да останат во еврозоната.
Денеска Грците ја искажаа нивната волја да останат закотвени со еврото, да бидат интегрален дел од еврозоната, да ги исполнат обврските и да просперираат. Ова е победа за цела Европа.
Андонис Самарас, лидер на Нова демократија.

„Денеска Грците ја искажаа нивната волја да останат закотвени со еврото, да бидат интегрален дел од еврозоната, да ги исполнат обврските и да просперираат. Ова е победа за цела Европа. Ги повикувам сите политички партии кои ги делат овие цели да ги здружиме силите и да формираме стабилна влада.“

Претседателот на Сириза Алексис Ципрас.


Самарас изрази уверување дека жртвите што треба да ги поднесат Грците ќе донесат напредок и оти тоа ќе биде постигнато со заеднички напори со партнерите во Европа.

„Решени сме да преземеме се што е потребно и тоа многу брзо“, изјави Самарас.

Според резултатите, Нова демократија ќе има околу 130 места од 300 места во парламентот. Сириза би добила 71, додека ПАСОК 33 пратенички места.Националистичката Златна зора доби околу 6,9 проценти или 18 мандати. Тоа значи дека Нова демократија и ПАСОК се во можност да формираат коалициона влада.
Како и да е, лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос повика на, како што изјави, влада на национална одговорност која ќе биде доволно стабилна да донесува тешки одлуки што и претстојат на Грција.

„Уште утре мора да има влада, која ќе биде способна да обезбеди функционална држава, економија и општество. Таков вид влада е влада на национална одговорност со учество на Нова демократија, Сириза, ПАСОК и Демократската левица“, изјави Венизелос.
Од понеделник ќе ја продолжиме нашата борба уверени дека иднината не им припаѓа на тероризираните, туку на оние што носат надеж. За Грција веќе изгреа нов ден.
Лидерот на Сириза Алексис Ципрас

Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас го отфрли ваквиот повик, додавајќи дека неговата партија останува во опозиција и оти продолжува да се противи на мерките за штедење кои беа договорени при одобрувањето на спасувачкиот пакет од 130 милијарди евра.

„Од понеделник ќе ја продолжиме нашата борба уверени дека иднината не им припаѓа на тероризираните, туку на оние што носат надеж. За Грција веќе изгреа нов ден.“

Официјални претставници во Брисел и во Вашингтон изразија надеж дека наскоро ќе биде формирана новата грчка влада.

„Секогаш велевме дека Грција им припаѓа на европското семејство, на Европската унија и на еврозоната. Тие тоа го покажаа на најасен начин. Среќни сме поради тоа“, изјави претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј.

​Германскиот канцелар Ангела Меркел изрази увереност дека Атина ќе се придржува кон преземените обврски.

Претходно шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле изјави дека Германија би можело да и даде на Атина дополнително време за постигнување на целите договорени со спасувачкиот пакет.

ММФ издаде соопштение во кое наведува дека е подготвен да се ангажира со новата влада и да и помогне на Грција да излезе од кризата.

Таканаречената Тројка пак, во која спаѓаат Европската унија, Европската централна банка и ММФ најави дека наскоро ќе отпатува во Атина во врска со идните чекори што треба да ги преземе Грција.