Десет основни и средни училишта низ Македонија потпишаа меморандум за соработка со проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој е четиригодишен и вреден 5,2 милиони долари. Проектот е отворен пред три месеци, а почетокот на активностите е официјализиран денеска, со потпишување на меморандумот. Американскиот амбасадор Пол Волерс изјави дека САД и Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) продолжуваат со поддршка на проектите кои промовираат и негуваат мултиетничност, почитување на религијата, културата и јазикот на другиот. „Од тоа корист ќе имаат сите граѓани на Република Македонија. Ова е клучно за градењето социјална и интеретничка кохезија во целата земја. Таков вид образование ќе им помогне на граѓаните активно да учествуваат во глобалните текови во 21 век“ рече Волерс. Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери е уверен дека проектот ќе ја постигне целта за меѓусебно запознавање во мултиетничко и мултикултурно општество какво што е Македонија.