СДСМ трет ден не сака да одговори на прашањето каде одеа парите во нивно време, кога не се градеше ништо, а сега го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека гради, изјави денеска Сашо Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ. „Тогаш немаше пари ниту за изградба и реконструкција на болници, ниту за медицинска опрема, ниту за образование, ниту за земјоделие и се така 15 години. Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт се гради, се гледаат проектите, спомениците, но и булеварите, училиштата, инвестициите. Во време на СДСМ немаше ништо“ рече Стефановски. Власта не може да се оправда за кратењата во здравството и образованието за да троши на огради, споменици и реклами, се вели во писмената реакција на опозициската партија. Според СДСМ, владејачката партија досега на проектот „Скопје 2014“ потрошила 350 милиони евра и загубила 220 илјади работни места. „ Истовремено, можат да се уверат како се средува Калето, се реконструираат булевари, мостови и улици во Скопје, со три пати помал буџет од оној со кој сега располага Коце Трајановски“ стои во писмената реакција.