Грција на излезот од евро-зоната

Грчкиот премиер Панајотис Пикраменос и претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо на Самитот на ЕУ во Брисел.

Лидерите на ЕУ со последна опомена до Грција, или ќе го спроведе договореното или ќе си замине од евро-зоната.
Самитот на Европската унија заврши рано изутрината во Брисел со предупредување до Грција дека мора да ги почитува договорените мерки во врска со пакетот финансиска помош доколку сакаат да останат во евро-зоната. Истовремено, лидерите не ги надминаа германско–француските разлики во врска со евро-обврзниците.

Сакаме Грција да остане во евро-зоната доколку ги почитува обврските, изјави претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј по завршувањето на состанокот. Грција мора да спроведе економски реформи и да направи драстични
кратења во буџетот за да ги добие ветените 173 милијарди евра. Но, доколку на изборите во наредниот месец победат партиите кои се противат на ваквиот план, Грција веројатно нема да ја добие помошта.

На прашањето дали Европската унија подготвува планови во случај Грција да го напушти еврото, премиерот на Луксмебург Жан Клод Јункер изјави дека се разгледуваат сите варијанти, но оти напорите главно се насочени кон тоа Грција да остане во евро-зоната.

Вчера, Бундес банк оцени дека развојот во Грција е екстремно загрижувачки, а германскиот весник Цајт јави дека Европската централна банка формирала кризен тим кој треба да ги направи подготовките за грчкиот излез од евро-зоната.
Меѓутоа, Грција не е единствениот проблем на Европската унија. Загрижувачки се растечките долгови на Шпанија и на Италија, а истовременокако последица на буџетските кратења се забавува и економскиот раст.

На дневниот ред на самитот во Брисел беа и евро-обврзниците со кои би им се овозможило на сите земји во Унијата да позајмуваат пари со иста камата, кој би била многу пониска од онаа што моментално ја плаќаат најзадолжените земји. Поборник на оваа идеја е новиот француски претседател Франсоа Оланд, додека противник е германската канцеларка Ангела Меркел, која смета дека на тој начин би се намалил притисокот врз презадолжените земји да ги средат финансиите. Договор за ова прашање не е постигнат.