Што ќе се расправа на НАТО самитот во Чикаго

Чикаго - билборд за самитот на НАТО.

Војната во Авганистан, ракетниот штит во Европа и здружувањето на финансиските извори за воените трошоци во време на штедење. Овие прашања се на врвот на агендата на НАТО самитот што в недела и понеделник ќе се одржи во Чикаго.
Американскиот претседател Барак Обама и неговите колеги од земјите членки на НАТО детално ќе ги прочешлаат плановите за предавање на безбедноста врз авганистанските сили по повлекувањето на 130 илјади војници на Алијансата до крајот на 2014 година. Лидерите треба да решат за бројноста на авганистанската војска, нејзината обука и парите што ќе бидат потребни за тоа. Трошоците би требало да бидат над 4 милијарди годишно. Половина од таа сума треба да ја обезбедат Соединетите Држави, додека втората половина Вашингтон ја очекува од сојузниците.
Во Чикаго ќе ставиме јасно до знаење каква ќе биде мисијата на НАТО по 2014. Тоа нема да биде сегашната мисија под друго име, туку сосема нова улога за НАТО во Авганистан.
Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО.

„Во Чикаго ќе ставиме јасно до знаење каква ќе биде мисијата на НАТО по 2014. Тоа нема да биде сегашната мисија под друго име, туку сосема нова улога за НАТО во Авганистан“, изјави генералниот секретар Андерс Фог Расмусен.

НАТО во Чикаго треба да објави почеток на привремена подготвеност на ракетниот штит со цел заштита на европејците од можни напади од непријателски земји, како на пример Иран.

Андерс Фог Расмунсен


Ова е само прв, но значаен чекор кој ќе ни помогне да го пополниме јазот што ни се покажа за време на нашите операции во Либија и во Авгансиатан.
Односите меѓу НАТО и Русија не зависат само од еден состанок. Станува збор за долготрајно партнерство кое имаме намера да го продлабочуваме.
Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО.

Објавувањето ќе значи дека американските воени бродови и ракетниот радарски систем во Турција ќе бидат ставени под команда и контрола на НАТО базата во Рамштајн, Германија. Одбранбениот штит ќе биде распореден во наредните неколку години. Полска и Романија се согласија нивните територии да бидат користена за тоа, а американските бродови би биле закотвени во близина на Шпанија. Системот треба целосно да профункционира во 2018 година.

За да ја намали руската загриженост, НАТО понуди соработка со Москва, но двете страни се уште се без излез од ќор-сокакот. Рускиот претседател Владимир Путин одби да отпатува во Соединетите Држави.

„Односите меѓу НАТО и Русија не зависат само од еден состанок. Станува збор за долготрајно партнерство кое имаме намера да го продлабочуваме“, рече Расмусен, поранешен дански премиер кој на функцијата генерален секретар на НАТО дојде во август 2009 година.

На самитот би требало да биде поставена основата за таканаречена паметна одбрана, како дел од премостувањето на проблемите во националните буџети поради острите мерки за штедење. Се очекува да бидат претставени околу 25 заеднички проекти од оние за обука, до оние за производство на муниција. НАТО исто така, сака да го зацврсти своето партнерство низ светот, особено по успехот на соработката со Катар, Обединетите Арапски Емирати и Јордан во воздушната кампања во Либија во минатата година.

На самитот во Чикаго се поканети и лидерите на 22 земји кои партиципираат во НАТО мисијата во Авганистан, а Алијансата сака да ги продлабочи односите со традиционалните партнери како Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд. Но, три светски воени сили не се инволвирани во мисиите на НАТО: Кина, Индија и Израел, затоа нивните лидери не се поканети во Чикаго.

Формирана во првите денови од Студената војна, Алијансата прерасна во колективна одбранбена организација на 28 членки од Северна Америка и Европа. Договорот беше потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон со што САД, Канада и 10 европски земји создадоа воена алијанса базирана на солидарност против заканите од Советскиот Сојуз.

Последните две земји кои влегоа во НАТО беа Хрватска и Албанија во 2010 година. Централно начело на НАТО е Членот 5 во кој се вели дека напад врз една членка претставува напад врз сите членки на НАТО. Овој принцип беше само еднаш искористен и тоа на 12 септември 2001 година, ден по нападите на Ал Каеда врз Соединетите Држави. Првото седиште на НАТО беше во Лондон, па потоа во Париз, а во 1966 година се пресели во Брисел. Командниот центар е во Монс, Белгија.