Грција во пост-изборен ќорсокак

Лидерот на Пасок по лидерската среба кај грчкиот претседател изјави дека разговорите се влезени во ќорсокак, очекување кое пред состанокот го имаа дел од политичките аналитичари.
Грчкиот претседател Карлос Папуљас се сретна со лидерите на трите водечки политички партии во грчкиот парламент во обид да се формира коалициска влада и да се избегне распишување нови избори. Дел од лидерите велат дека на средбата не бил постигнат напредок, што беше и предвидување на политичките аналитичари.

Од новата влада се очекува имплементација на многу непопуларни мерки за штедење кои се предуслов за Грција да добие пакет помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.


Лидерот на левичарската партија Алексис Ципрас (л) и првиот човек на социјалистите Евангелос Венизелос

Лидерот на социјалистите Евангелос Венизелос, во своето обраќање пред членовите на неговата партија Пасок рече дека разговорите навлегле во ќорсокак и испрати апел до партијата „Сириза“, која се противи на мерките за штедење, да превземе одговорност:

„Апелирам до логиката и патриотизмот на граѓаните и политичките лидери. Дури и откако разговорите кај претседателот навлегоа во ќорсокак, јас имам ограничен оптимизам дека може да се формира влада. Во целост ги подржуваме уставните напори на претседателот и неговото чувство за одговорност. Земјава нема време за трошење. Времето минува на штета на перспективите за младите, ранливите и припадниците на средната класа“ рече Венизелос.

Последниот обид на Пасок да формира влада во петокот беше спречен од лидерот на радикалните левичари Алексис Ципрас, кој се заложува за спречување на мерките за штедење.

Лидерот на Нова демократија Антонис Самарас по средбата изјави:

„Грчкиот народ не ни испрати само порака, туку ни даде и мандат, мандат за сите да соработуваме, да ги менуваме политиките но истовремено да останеме со еврото. Имаме мандат за соработка, за формирање на поисполнителна влада“

Инаку, можноста за распишување на нови избори ги сруши цените на акциите на грчкиот пазар на хартии од вредност, што придонесе за рекорден пад на вредноста на еврото од јануари годинава.