Криминалот не треба да го загрозува соживотот

Претседателот Ѓорге Иванов го пречекува неговиот албански колега Бамир Топи во Скопје.

Секој националистички или ултранационалистички рефлекс или каква било клима на предрасуди ќе им нанесе штета на односите меѓу Македонците и Албанците во земјава, но и на односите во регионот, изјави албанскиот претседател Бамир Топи по денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.
Заложбата на балканските земји за членство во ЕУ и НАТО е процес кој нема враќање назад. Секој националистички или ултранационалистички рефлекс или каква било клима на предрасуди ќе им нанесе штета на односите меѓу Македонците и Албанците во земјава, но и на односите во регионот.
Сакаме да дадеме заедничка порака дека луѓето треба да живеат во мир и хармонија и секој криминален чин треба да се третира како таков и да подлежи на правните процедури.
Бамир Топи, претседател на Албанија.

„Сакаме да дадеме заедничка порака дека луѓето треба да живеат во мир и хармонија и секој криминален чин треба да се третира како таков и да подлежи на правните процедури“, изјави албанскиот претседател Бамир Топи по денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.

Средба на претседателите на Македонија и Албанија Ѓорге Иванов и Бамир Топи.


И албанските медиуми пред доаѓањето на Топи во Македонија коментираа дека посетата доаѓа во деликатен момент, поради, како што наведува весникот Лајмешчип, напнатата ситуација меѓу Македонците и Албанците. Па оттаму и очекувањата дека во центарот на вниманието на разговорите со македонските власти ќе бидат токму последните настани.

Петкратното убиство кај Смиљковци предизвика голем интерес во соседните држави и кај властите и кај медиумите. Оттаму деновиве стасуваа и различни коментари и различни пораки.

Косовскиот премиер Хашим Тачи вчера побара од македонските власти да не потпаѓаат на провокации од оние луѓе кои не и посакуваат добро на државата, а упати и апел до македонските граѓани за мудрост, зрелост и меѓуграѓанска толеранција.

Во српските медиуми можеа да се прочитаа различни коментари - и оние кои ги пренесуваа информациите објективно, но и оние кои објавуваа неосновани шпекулации во насока на разгорување на меѓуетничките тензии.

Претставниците на меѓународната заедница во земјава, ОБСЕ, НАТО и САД преку заедничка изјава остро ги осудија убиствата и ги повикуваат сите граѓани да останат смирени, да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења, како и да покажат трпение за спроведувањето на истражниот процес.

Истрагата напредува, но сторителите не се фатени, ниту пак истрагата е на чекор до нивното откривање, изјави вчера министерката за внатрешни работи Јанкулоска. Сите шпекулации и штетат на истрагата, рече Јанкулоска, и повика на смиреност и трпение да се дојде до резултати од истрагата.