НДП го осуди злосторството и бара максимална казна за сторителите

Националната демократска преродба (НДП) изразува сочувство на семејствата на убиените кај скопското село Смилковци и бара од државните органи во најкраток рок да го расветлат случајот, а на оние што го сториле грозоморниот чин да им се изрече максимална казна.
НДП воедно ги повикува надлежните институции, граѓанските организации и медиумите овој настан да го третираат како случај на цивилен криминал, во никој случај како злосторство од етничка природа.
Партијата, како што наведува во денешното соопштение, особено ги осудува тенденциите на одделни средства за јавно информирање кои уште пред да се појаснат околностите во врска со овој тежок настан, го злоупотребуваат за да ги нападнат Албанците и да поттикнат меѓуетнички конфликти.
НДП бара од Министерството за внатрешни работи да го гарантира слободното движење во околните населени места зашто граѓаните не се виновни за сторениот криминал.