Сочувство до семејствата на убиените и апели за воздржаност од амбасадата на САД и од ЕУ

- Американската амбасада преку соопштение изрази сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот инцидент што синоќа се случи во близина на селото Смиљковци во кој животот го загубија пет лица.
Ги повикуваме сите засегнати страни да останат мирни и да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења. Повикуваме на трпение додека чекаме да се откријат фактите за случајот и да започне законската постапка, стои во соопштението од Американската амбасада.
Знаеме дека властите го истражуваат инцидентот и се во потрага по сторителот или сторителите на ова ужасно дело. Ги поддржуваме напорите на Министерството за внатрешни работи во продолжување на истрагата и законските процедури што е можно понавремено, како и во обидите да ја добијат поддршката на јавноста во прибирање на достапни информации за овие убиства, се вели во соопштението.

И делегацијата на Европската унија во Скопје изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешното убиството кај селото Смиљковци.
Шефот на делегацијата амбасадорот Аиво Орав, информираат оттаму, е во постојан контакт со властите.
- Запознаени сме дека Министерството за внатрешни работи спроведува детална истрагата, затоа ги повикуваме сите страни да останат мирни и воздржани и да им дадат доволно простор на властите да ги најдат и да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за овој ужасен чин, велат од делегација на ЕУ