Разговори Ахмети - Волерс, жалење за инцидентот и целосна истрага

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска се сретнал со Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Пол Волерс, соопшти ДУИ.
Соговорниците разговарале за актуелностите во земјата, посебно за
зачленувањето на Македонија во НАТО, законот за лустрација и вчерашниот
инцидент во околината на Скопје каде што беа убиени 5 лица во се уште не
разјаснети околности.
Ахмети и Амбасадорот Волерс изразиле жалење за тешкиот инцидент и се
согласиле дека е значајно да има темелна истрага при што тие што го
сториле ова злодело да се донесат пред лицето на правдата. Било нагласено дека институциите на земјава треба активно да ја менаџираат ситуација и преку активна истрага да го осветлат случајот.
Граѓаните и медиумите истотака треба да дадат свој придонес при што не
треба да се има предрасуди за мотивите за ова злосторство.

Во врска со Евроатлантските перспективи на Македонија, Амбасадорот Волерс повторил дека единствената иднина на Македонија е во
НАТО и дека зачленувањето на Македонија во Алијансата не зависи од
самитот во Чикаго, туку останува во сила одлуката од Букурешт дека
Македонија ги исполнува условите за членство и ќе стане дел од НАТО кога
ќе го реши спорот со името, се вели во соопштението од ДУИ.