Оштетени возила при блокадите во Радишани

По синоќешното убиство на пет лица во атарот на село Смиљковци, денеска од страна на група граѓани беа блокирани сообраќајници во реонот на населбата Радишани, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во текот на денот регистрирани се неколку нарушувања на јавниот ред и мир при што беа оштетени автобус на ЈСП бр. 57 (на ул. „Радишанска“), и три патнички моторни возила марка „Опел Аскона“ - оштетено на ул.„Љуботенски Пат“ во нас. Радишани, „Форд - Мондео“, како и „Фиат Панда“ (сопственост на телевизија „24-Вести“) и двете на улица „Бутелска“ во близина на последната постојка на автобус бр. 57.
При оштетувањето на службеното возило на спомената телевизија од искршените стакла е повреден камерманот И.Р. кој седел во возилото. Од страна на СВР Скопје во тек се мерки за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случаите.