Бие рафинерија, ама бие и владата

Горивата од денеска се рекордно скапи. Владата не планира да преземе мерки, иако кога пред изборите ја намали акцизата, горивата беа поевтини од сега.
Од денеска горивата во Македонија се продаваат по рекордно висока цена. Според вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, бензините и дизелот од денеска се по три денари поскапи, па така ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по 84 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 85,5 денари за литар, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) по 74,5 денари за литар. Поскапуваат и екстра лесното масло за домаќинство и мазутот.
Зема 30 и кусур денари од литар, нека зема 25 додека не се среди, 2-3 години. Место да зема 30 нека зема 25 денари.
Анкетиран граѓанин.

Регулаторите наведуваат дека причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на нафтата на светските берзи.

Во малопродажната цена на бензините е вклучена рафинериската цена, која се определува според трошоците на скопската рафинерија „Окта“, а преостанатиот дел се давачки за државата и трговците, на кои отпаѓа повеќе од половина од цената.
Логиката е дека на државата и требаат пари и вака ќарува.
Анкетиран граѓанин.

На пример, од 84 денари колку што чини еден литар ЕУРОСУПЕР БС-95, речиси 13 денари одат за ДДВ. Колку е повисока малопродажната цена, толку е поголемо и ДДВ-то. Акцизата, пак, е фиксна и изнесува околу 22 денари, а за задолжителни нафтени резерви се одвојуваат 0,9 денари од секој литар.

Тоа значи дека од 84 денари, колку што чини еден литар ЕУРОСУПЕР БС-95, државата зема околу 36 денари.

Бензинските пумпи, пак, плаќаат по половина денар од литар за транспорт и имаат маржа од 3,2 денари. Кога ќе се додадат маржата и транспортните трошоци се доаѓа до сума од 43 денари што државата и трговците ја добиваат од секој литар.

Ако се искористи славната српска изрека, може да се каже дека по џебот на граѓаните „бие рафинерија, ама бие и владата“.

Таксисите што ги анкетиравме во центарот на градот се жалат на поскапувањата и бараат владата да се откаже од дел од профитот, потсетувајќи дека слично постапи лани пред изборите.

„Во оваа криза би требало да се откаже, да опстане овој граѓанин овде.“

„Зема 30 и кусур денари од литар, нека зема 25 додека не се среди, 2-3 години. Место да зема 30 нека зема 25 денари.“

„Логиката е дека на државата и требаат пари и вака ќарува.“

Во април минатата година, владата одлучи да ја намали акцизата за бензините за 4 денари, а за дизелот за два денари за литар. Надоместокот за задолжителни резерви се намали за 0,5 денари кај бензините и за 0,2 денари кај дизелот. Со цената на бензинот се намали за 4,5 денари, а на дизелот за 2,2 денари за литар. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески тогаш соопшти дека мерката ќе трае 4 месеци и со тоа државата се откажува од 10 милиони евра буџетски приходи во интерес на граѓаните. Кога владата ја донесе оваа одлука, горивата беа поевтини отколку сега. Пред таа мерка, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продаваше по 80,5 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 82 денари за литар, а дизелот беше 71 денари за литар.

Иако сега горивата се за 2,5 до 3,5 денари поскапи од тогаш, Ставрески вчера изјави дека владата засега не планира такви мерки.

„Засега нема таков предлог“, рече вчера Ставрески.