Илјадници граѓани ги пречекаа ракометарите на плоштадот

На плоштадот „Македонија“ попладнево илјадници граѓани ги пречекаа ракометарите кои на Европското првенство во Србија го освоија петтото место и обезбедија учество во квалификациите за Олимписките игри во Лондон. На градскиот плоштад, спортистите беа поздравени од претседателот Ѓорге Иванов кој во наредните денови ќе им додели „Медал за заслуги“, премиерот Никола Груевски, министри и пратеници. Претходно, на граничниот премин Табановце тие беа пречекани од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Царинската управа Ванчо Каргов. Капитенот Кире Лазаров кој воедно е најдобриот стрелец на сите еврошампионати, се обрати пред големиот број граѓани со познатата реченица „Леле луѓе што направивме“, која кошаркарот Влатко Илиевски ја кажа кога кошаркарската репрезентација ја победи Литванија и се пласираше во полуфиналето на ЕП. „Спортот е амбасадор на нашата држава и само преку него можеме толку многу да ја промивираме Македонија. Сакам од моето лично име да им се заблагодарам на сите мои колеги. Ова не е само мој личен успех, туку и успех на целата држава, на моите другари лавови кои безпоштедно се бореа и ги даваа последните атоми од своите сили во континуитет да се бориме со големите европски репрезентации,”рече Лазаров, истакнувајќи дека следна дестинација се олимписките игри во Лондон.