Брил - Решение за името, па напредок во евроинтеграциите

Данскиот амбасадор Торбен Брил.

Македонија треба да го реши спорот за името за да напредува во евроинтеграциите. Данска силно ќе поддржи да се дојде до заемно прифатливо решение во тој процес, изјави данскиот амбасадор Торбен Брил на денешната презентација во ЕУ-инфо центарот на приоритетите и програмата за работата на шестмесечното претседателство на Кралството Данска со ЕУ.

„Треба да нагласиме дека не смееме да ве оставиме со впечаток дека сте надвор од вниманието. Очигледно оти има проблем односно пречки кои не се поврзани со ЕУ, туку станува збор за прашање за кое е потребно билатерално разбирање. Силно ќе поддржиме да се дојде до заемно прифатливо решение бидејќи знаеме дека проблемот постои. Со цел да се дојде до крајната фаза на прием мора да има консензус во ЕУ. Кај нас владеат правила, а ова е единствениот пристап што ни е достапен“, рече Брил на новинарско прашање дали Данска ќе покрене иницијатива за деблокирање на македонската евроинтеграција.

Тој ја нагласи и важноста за продолжување на реформите.

Запрашан за изоставувањето на Македонија од Програмата на Данското претседателство во делот на проширувањето тој посочува оти тоа не смее да се сфати погрешно.

„Не смее да се разбере погрешно дека не е спомената конкретна земја од Западниот Балкан. Оние кои не се споменати не значи дека се изоставени. Тоа не ни беше намерата“, појаснува Брил.

Данска за време на своето претседавање со ЕУ во првата половина од оваа година ќе остане посветена на постигнување на одговорна, динамична, зелена и безбедна Европа, рече амбасадорот Брил. Во моментов главен предизвик е соочување со предизвикот на економската криза, но и утврдување политики за компетитивен развој на Унијата.