Кој се смее зло не мисли - Среќна Нова година

Македонија ја победи Литванија 67 - 65 во четвртфиналето на ЕП во кошарка во Литванија и обезбеди пласман во полуфиналето со Шпанија.

Да се потсетиме на дел од настаните на кои се радувавме, се смеевме или само кисело се насмевнувавме во изминатата година.
Првото родено бебе изминатата година беше женско – ветуваше бериќетна година. Најголема радост ни донесоа кошаркарите. Со тројката на Влатко Илиевски во последните секунди во четвртфиналето против домаќинот, на Европското првенство во кошарка во Литванија, Македонија го оствари најдобриот резултат во својата историја. Доволна причина, скопјани да ја пречекаат четата на Марин Докузовски предводена од Лестер Борче Мекејлебовски, како што на времето го пречекувавме Тито. Воините на кош се прошетаа околу Воинот на коњ.

Воините на кош ја израдуваа нацијата

Успехот на кошаркарите се насетуваше уште во натпреварите по групи, кога Македонија ја совлада фаворизираната комшиска, ем пријателска Грција со 14 разлика.

Јужниот, а што би рекле Србите, богами и дужен сосед, го победивме со 14 разлика уште еднаш. Овојпат не во кошеви, ами во судиски гласови. Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со 15 гласови наспрема 1 пресуди дека со ветото за македонско зачленување во НАТО на Самитот во Букурешт, Грција ја прекршила Времена спогодба. Таман се спремавме за уште едно славје се огласи првиот човек на Алијансата, Расмусен - Пресудата не значи многу, решете го името ако сакате во НАТО.

И таман се загреавме за славење, дојде 20-годишнината од независноста на Македонија. За многу години.

Избори сред лето - топлото време удира в глава

Парламентарни избори 2011

Најбитниот политички настан годинава беа изборите. Прво опозицијата бараше, власта не даваше. Потоа власта сакаше, па опозицијата малку се пишманеше и ги закажаа сред лето. Дали горештините им удрија в глава или желбата за власт и на едните и на другите е преголема, ама кампањата беше жива забава за народ. До душа малку позабавна за оние кои не се тука.

„Денес кога од Скопје доаѓав кон Велес, по автопат пребројав повеќе од 20 билборди, гледам Никола Груевски и до него мене ме ставиле, ама Никола висок, крупен, строен, џин, а јас ситен така метро и дваесет, метро и дваесет и два“, зборуваше Црвенковски пред велешани.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи да си ги ишне стечајците од капата, со спотови со лични сведочења потсетуваше дека тие се производ на СДСМ. Бранко Црвенковски не остана покус.

„Нашле некој грев таму и вели заради Бранко се разведов. Абе човек, оди прашај си ја жена ти да не е некој друг во прашање. И да сакам не можам да стигнам бре брат.“

Фали ме усто ќе те расчепам. Црвенковски го налегнуваат годините, можеби и навистина не може да постигне, ама затоа неговиот помлад потпретседател Гордан Георгиев не се дава – се пипал со опозициската ДПА.

„Јас ќе се обидам контекст да дадам, сега ние сме во фаза на пипкање, прво не сме седнале никогаш, ниту имало средба на таа тема, ниту пак со некоја друга партија, освен нашите од опозициониот фронт.“

За предизборната кампања да биде поинтересна се погрижи и лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски.

„Жално е Никола Груевски со спортските сали и со лопатите, лопатару ниеден.“

Сопругата на хашкиот затвореник Јохан, Соња Тарчулоска побрза да му каже на Љубета каде му е местото.

„До вчера бевте браќа, а сега вака му враќаш/ со душман ортак се фати, затоа Господ ќе ти плати“, пееше пред изборите Тарчуловска.

Не господ, ама по изборите му плати судот – Седум години. Независниот. А, згора на се, братот ќе треба на мама Наде да и плати 25.000 евриња и да ја пречека Прочка пред Божиќ. Извини брат, морално беше!!!

Нејсе, владејачката ВМРО-ДПМНЕ на помош го повика првиот премиер на независна Словенија, Алојз Петерле. Овој, пак, го покажа својот раскошен политички и не толку политички талент, па викна е една весела... или беше радосна.

„Драги пријатели, драги кандидати, најпрво еден поздрав од ЕУ“, рече Петерле на митинг на ВМРО-ДПМНЕ, па ја извади усната хармоника и ја засвире Одата на радоста.

Европа врата не отвора, Македонија писмо пишува

Арно ама, по изборите Филе не ни соопшти многу радосна вест.

„Како и да е, имаше мал напредок минатава година. Главните предизвици остануваат во полето на независноста на судството, реформите во јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразувањето предизвикува сериозна загриженост. Клучно е да се постигне прогрес за прашањето за името. Не смее да се изгуби уште една година“, изјави Филе.

Груевски пак вели дека критиките се пренагласени – Европа ни дишела во врат за да врши притисок за промена на името.

За да му врати, Груевски му напиша писмо. Неговиот чекор го следеа разно-разни институции, владини и невладини организации, женски здруженија, месни заедници, друштва и дружини. Арно ама нит е Грујо Елена, ниту пак Брисел е Едрене.

Во име на отецот, синот и светата лопата, амин

Завршија изборите останаа лопатите, арно ама МПЦ е тука, реши да ги даде на лицитација.

„Ај да видиме кој колку милува да дарува. Колку?“, лицитираше владиката Кирил.

„100 евра“, довикнува некој верник.

„Малку е, ај да видиме дали некој ќе милува да даде повеќе. 1000 евра, меѓутоа 1500 евра помилува да дарува. Ех, личен на дедо, така е, како се викате?“

„Илија Станковски“, се преставува дарежливиот верник, кој се надева дека ќе стане горд сопственик на света лопата.

„Илија, грми како Св. Илија. Илија, 2000 евра, уште зборот недоречен. Кој е 2500?“, лицитираше владиката небаре е во аукциската куќа Кристи.

Ставрески - Брм, брм автобусче

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со еден од двокатните кинески автобуси.


Крај триумфалната париско-скопска капија сега гордо јурат лондонските дабл-декери набавени во Кина.

„А Коце, дојди како возач, како да возиме. Ајде Коце БРМ, БРМ“, се радуваше вицепремиерот Ставрески на горниот кат од двокатниот автобус, а тоа го регистрираше вештиот снимател на телевизија АЛФА.

Ацарина за влез во Охрид

А, Александар Петрески Охридски, лут на централната власт реши да го граба Самоила и да си го носи во Охрида града. Шо ќе биди ќе видиме, ама тој мачиниот прати абер дека и рампи ќе клаел за сите шо ќе оделе да им ја пијат водана од еѕерото.

„Да се постават рампи за патарини на влезовите на Охрид, да се соберат средства, од кои средства ќе се вложи во инфраструктурата во патиштата. Да се направи значи булеварски влез и од Подмолје према Охрид и од Косел и од Љубаништа спрема Охрид. И тоа секаде е така во цел свет, а така е и во Скопје.“

А, кога сме веќе тамо да кажеме дека охриѓани со братот Четкар Охридско лето ќе го имет и назима. Колку за промена.

Македонија годинава дефинитивно се стори и земја на фестивалите. 30 години СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, 10 години Филмски фестивал, МОТ ...Ура, ура култура!!!

Лустрација - Се пере и перено и неперено

Од сите наши помалку успешни и многу успешни проекти во најголем циркус се стори лустрацијата. Ги закачи Трендафил, баба Зумбула, а потоа и сите што не беа некому по ќеф.

„Некои луѓе залутале во некоја ситуација, работат против интересите на државата, работат против лустрацијата целосно, даваат некои информации безвезни, се перат од нешто што не е ни извалканo, ни исперено, ни доперено. Не знам што е тоа, дали си ја бркаат мувата, тоа наредниот период ќе видиме што е како е“, објаснуваше првиот лустратор Томе Аџиев.

Се отвори и реконструираниот аеродром Александар Македонски во Скопје. Во свечениот говор на отворањето, премиерот Груевски рече оти му кажал на директорот на ТАВ дека во македонските весници имало коментари во кои пишувало „Никола каде ти се Турците?“. Токму поради тоа, турскиот инвеститор почнал со реконструкцијата на аеродромот без оглед на кризата.

„Давале или не давале банките пари, ние најкасно на пролет, за шест месеци од сега почнуваме градба на аеродромот, па макар парите да ги вадиме од сопствени џебови. Така и бидна“, раскажува Груевски што му кажал турскиот инвеститор пред да почне да гради.

Имајќи го ова предвид, на крај само ќе кажеме – Премиере, камо просечна плата од 1000 евра? Не е дека сме суеверни, ама за секој случај.