СДСМ предлага социјални субвенции, ВМРО-ДПМНЕ вели дека веќе има

Градоначалниците на Куманово, Струмица, Охрид и Карпош Зоран Дамјановски, Зоран Заев, Александар Петрески и Стевчо Јакимовски денеска во седиштето на СДСМ го промовираа партискиот проект - Социјални субвенции. Тие посочија дека заеднички донеле одлука за субвенционирање на трошоците за социјално загрозените семејства кон комуналните претпријатија кои се под надлежност на општините со кои раководат.

Откако советите на општините ќе ја изгласаат предлог-одлуката, од општинските буџети ќе им се префрлат пари на комуналните претпријатија наменети за најзагрозените семејства од овие општини.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски побара од скопскиот градоначалник Коце Трајановски да го следи нивниот пример и да спроведе сличен проект.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека она што СДСМ денеска го промовираше како голема и досега невидена мерка, Градот Скопје веќе интензивно го применува.

„СДСМ доцни неколку години, бидејќи Градот Скопје и Битола и многу други градови повеќе години ги субвенционираат и ослободуваат граѓаните, кои што се корисници на постојана парична помош, не само за плаќање на комунална такса, туку и при користење на вода од водоводните системи“, рече Ивица Коневски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.