Сива економија - мирна глава

Кој пријавен, кој не, а некој само на дел од платата.

Во земја со над 30 проценти невработеност, сивата економија се чини е еден од главните фактори кои го одржуваат социјалнииот мир, се согласуваат упатените. Од друга страна, фирмите со непријавени работници се нелојална конкуренција за легалните бизниси.
Јас ќе ти сработам за 50 евра. Ако одиш во фирма, ќе ти земат најмалку стотка. Вака од прилика се одвиваат преговори за ангажирање на непријавени работници, или за кои велиме дека работат на црно. Во основа, тука се подразбира дека формално овие лица се водат како невработени и како такви добиваат одредени бенефиции за здравство и надомест од државата.

Не ме пријавува, јас ако сакам да ме пријави, он ќе ја даде работата на друг и јас останав без пари.
Анкетиран граѓанин.
Парите кои ги заработуваат се исплаќаат на рака, а прашањето за пензија се решава со задоволување на старосниот критериум. Еден од работниците кои го чекаат правото да се пензионираат кога доволно ќе остарат е и Столе од Скопје. Работи за секој што ќе му понуди пари за, како што вели, да однесе леб дома

РСЕ: Дали работодавецот ви дал причина зошто не ве пријавува?

Илустрација.


„Не ми дал причина. Он вика да работам за таа надница. Не ме пријавува, јас ако сакам да ме пријави, он ќе ја даде работата на друг и јас останав без пари. Леб треба да се јаде, дете.“

РСЕ: Сте размислувале ли како ќе се снајдете за пензија?
Секогаш потпишуваме договори на дело на шест месеци. Првиот пат кога го потпишав мислев дека тоа ќе трае до една година, но еве веќе се влечеме три години. Кога и да го поставиме прашањето што со нас понатаму, ни се кажува дека фирмата нема доволно буџет со кој што би можела да не земе за трајно.
Анкетиранa граѓанка.

„Нели е според старост, 64 години. Стаж имам присобрано дваесетина години.“

Не постојат официјални податоци за тоа колкав процент од Бруто домашниот производ отпаѓа на сивата економија.

Сивата економија - 45 проценти од БДП?

Во услови на висока невработеност, многумина тврдат дека токму неформалните работни ангажмани спречуваат револуција поради незадоволство од сиромаштијата. Таквиот впечаток го имаат и странците кои за прв пат ја посетуваат земјава. Еден од нив е и советникот во Американскиот конгрес и универзитетски професор Сем Потоликио. Запрашан како социјалниот мир е зачуван во услови на голема невработеност, тој одговара:

Членки на организациите на жени на НСДП и СДСМ протестираат против Владата и проектот „ Скопје 2014“ откако на градилиштaтa загинаа двајца работници.


„Тоа е многу добро прашање, кое ако можете да го одговорите би станале многу славни во светот на општествените науки. Во нормални услови, кога расте стапката на вработување, се намалуваат шансите за револуција или за протестирање. Сметам дека во оваа земја се случуваат две работи. Прво, имате многу ефективна сива економија. И покрај тоа што имате стапка на невработеност, која верувам се движи над 30 проценти, имате голем број луѓе кои реално заработуваат пари, но не се евидентирани. Стапката на невработеност веројатно е пониска од регистрираната. Второ, мислам дека тука имате силен културен идентитет и гордост за земјата. Тоа е една од работите кои ги имам забележано во споредба со другите земји кои ги посетив“, вели Потоликио.
Oдам на биро и се пријавувам како невработена, а хонорарот што го добивам си го пишувам како хонорар. И така, од биро. Ако дадат добро, ако не дадат здравје.
Анкетиранa граѓанка.

Во јавноста се шпекулира дека сивата економија учествува со 40 до 45 проценти од БДП.

Дали земањето пари на рака, без одвојување на дел за државната каса е единствената форма во која се јавува сивата економија во земјава? Работници сведочат дека со години се пријавени на договор на дело, со редовно работно време од седум–осум часа. Една од нив е и Сузана од Скопје.

РСЕ: Ви понудиле досега да ве вработат за постојано?
Самиот збор кажува – договор за дело. Значи по тој договор, вие може да ме ангажирате да ви направам настан, да ви направам уметничко дело, значи дело, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Додека договор за вработување е работно-правен институт и со него се ангажира и се реализира работење на лице во работен однос.
Раде Ненадиќ, директор на агенција за привремено вработување.

„Па не, во текот на овие три години додека работам во една реномирана приватна фирма која може да си дозволи да ме вработи на неопределено, немало никаква понуда за постојан договор. Секогаш потпишуваме договори на дело на шест месеци. Првиот пат кога го потпишав мислев дека тоа ќе трае до една година, но еве веќе се влечеме три години. Кога и да го поставиме прашањето што со нас понатаму, ни се кажува дека фирмата нема доволно буџет со кој што би можела да не земе за трајно.“

РСЕ: Како се снаоѓате со здравствено осигурување, сини картони, недај боже во случај на болест?

„Фирмата не ни ги плаќа тие трошоци. Затоа одиме, барем јас одам на биро и се пријавувам како невработена, а хонорарот што го добивам си го пишувам како хонорар. И така, од биро. Ако дадат добро, ако не дадат здравје.“

РСЕ: Има законска можност за пријавување на недоследности. Сте размислувале ли да ги искористите?

„Искрено кажано, јас не сум размислувала да ги искористам, бидејќи не верувам дека системот ќе може да направи нешто тука, со оглед на тоа дека мојата компанија, а и многу други големи компании работат на истиот принцип, па никој ништо не им може.“
За жал во Македонија во доста голем обем се изигрува работниот однос, преку договори за дело, преку авторски договори, преку практикантска работа.
Раде Ненадиќ, директор на агенција за привремено вработување.

Во овој случај, државата на некој начин добива пари, што го покренува прашањето, каде е проблемот? Директорот на агенција за привремено вработување, Раде Ненадиќ вели дека законски, договорот на дело не може да биде замена за вработувањето.

„Самиот збор кажува – договор за дело. Значи по тој договор, вие може да ме ангажирате да ви направам настан, да ви направам уметничко дело, значи дело, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Додека договор за вработување е работно-правен институт и со него се ангажира и се реализира работење на лице во работен однос.“
Едноставно, полесно им е да не преземат нешто во поглед на регистрација на бизнис. Зошто, ако може така, ако некој му удоволува вака да тера, зошто би си го комплицирал животот и да оди да регистрира компнија, ич да не е 200 евра.
Љупчо Деспотовски, „ПСМ – Јес“ бизнис инкубатор.

Договорот за дело и работниот договор во ниту еден случај не смеат да се поистоверуваат, додава Ненадиќ

„Ако некој оди на работа 8 часа дневно, оди континуирано на работа, значи тоа е работен однос и треба да склучи договор за вработување.“

Државниот инспекторат за труд е надлежен за кршењето на правата од работниот однос, вели Ненадиќ.

„Меѓутоа и за изигрување на работниот однос. За жал во Македонија во доста голем обем се изигрува работниот однос, преку договори за дело, преку авторски договори, преку практикантска работа, при тоа мислам на лица што се надвор од образовниот систем и преку волонтерска работа исто така, иако во Законот за волонтерство има член кој јасно вели дека волонтерската работа не смее да биде замена за редовно вработување.“

Работодавецот има помалку расходи за ангажираните на договор за дело отколку за вработените, а помали се и обврските. Додека за хонорарците со договор треба да поднесуваат годишна даночна пријава за подмирен данок, за вработените е потребна исплата на придонеси за здравство, допопнително здравство, пензиско и инвалидско осигурување, придонес за вработување во случај на невработеност, како и персонален данок.

Сива економија за социјален мир

Ако го држи социјалниот мир, тогаш зошто сивата економија се смета за неповолен феномен во земјава и дали скапата држава ги мотивира луѓето да затајуваат данок? На овие прашања одговара економскиот аналитичар Висар Адеми:

РСЕ: Зошто е толкав проблем сивата економија, особено имајќи предвид дека го одржува социјалниот мир во држава со над 30 отсто невработеност?

„Сивата економија теоретски значи да не плаќаш даноци на државата, а тоа после има домино ефект, реперкусии кога се прави буџетот, секоја фискална година. Тогаш нормално има помалку приходи за да се финансираат јавните расходи во државата, односно плати и други основи, на пример инвестиции во патната инфраструктура, здравство, образование и тн., тие јавни добра што државата треба да ги испорача со секој буџет. Значи, ако има сива економија, тогаш се собираат помалку средства и тогаш се распоредуваат помалку средства за овие јавни добра.“

РСЕ: Дали луѓето што работат непријавено и не плаќаат данок може да му создадат нелојална конкуренција на приватниот сектор што плаќа данок, исплатува придонеси и ги подмирува сите давачки кон државата?

„Многу! Тие луѓе, не само што со сивата економија креираат голема дупка во буџетот со неплаќањето на тој данок, но како финален резултат имаат и пониска цена зашто имаат помалку трошоци, дали користат репроматеријали, дали при трговија, тие тогаш за тој процент на данокот имаат и пониска цена на финалниот производ. Така што и таа нелојална конкуренција се креира како резултат на сивата економија.“

РСЕ: Дали скапата држава може да има влијание врз мотивацијата на луѓето да го легализираат бизнисот? Сите знаеме дека лесно се отвора бизнис, но потоа има фирмарина од најмалку 15 илјади денари, тешко се пристапува до кредит...

„Државата не верувам дека има капацитет, човечки пред се, за да го реши овој феномен, но мислам дека поради социјалниот мир, за одредени компании, сектори или население, се остава за да се придобијат гласови од тоа население или, пак, компании што би можеле потенцијално да бидат блиски и да финансираат одредени кампањи на пример, затоа некогаш се прави селективно и се имплементираат селективни мерки. Се надевам дека после некое време законот ќе важи еднакво за сите и ќе го почитуваат сите граѓани.“

Според некои неофицијални проценки, надвор од легалните рамки на државата годишно се вртат милијарди евра.

„Осмели се“, ако можеш!

Во последно време се актуелизираат нови владини реклами, кои апелираат до народот да го направи првиот чекор, да ризикува и да отпочне бизнис. Останува да се види дали кампањите ќе ги мотивираат сопствениците на „сиви бизниси“ да се одлучат на легализација, но се поставува прашањето - зошто работниците и газдите, покрај сите утврдени поволности за стартување на легален бизнис и олеснетата постапка, се уште не се одлучуваат на „првиот чекор“? Првиот човек на „ПСМ – Јес“ бизнис инкубаторот, Љупчо Деспотовски вели дека ако дваесет години нешто се толерирало, луѓето по инерција сметаат дека работите така се одвиваат:

„Можеби е недоволна информираност. Едноставно, полесно им е да не преземат нешто во поглед на регистрација на бизнис. Зошто, ако може така, ако некој му удоволува вака да тера, зошто би си го комплицирал животот и да оди да регистрира компнија, ич да не е 200 евра.“

Тука се и дополнителни давачки, дополнува Деспотовски.

„Треба основачки капитал, дали во кеш или во опрема, до пет илјади евра, па ќе треба давачки да плаќаш, па ќе треба сметководител.,,Ако може вака, тој ќе тера вака се додека не го притиснат, кој и да е, без оглед за каков бизнис се работи. Значи да го натераат да сфати дека едноставно мора да се легализира.“

Кампањата за „првиот чекор“ треба да биде пореална, забележува Деспотовски.

„Да не остане на глупави реклами, како почнал Најк или како почнал Вриглис, кајшто апсолутно не може да најдеш никаква допирна точка со реалноста во Македонија. Значи можеби треба да се спушти таа кампања, да им се објасни на луѓето што значи да си дел од системот, кои бенефити ги имаш, што значи да си пензиски осигуран, што значи да си здравствено осигуран.“

Ако работникот од своите приходи не го плаќа здравственото и пензиското осигурување, тогаш следуваат казни, што го покренува прашањето - дали високи европски казни, сами по себе можат да бидат ефективни во борбата со сивата економија? Одговара правниот експерт Драге Јовановски:

„Значи со казнување само во спартанска доба се казнувало, спартанците биле казнувани. Овде вака мора да има дијалог, мора тој инспетор да има одреден број на фирми што ќе ги посети,каде што ќе им укаже а и ќе поработи на одредени прописи со нив. А не сега да оди и да го казните 5000-10.000 евра, а тој да не прави промет, на пример семкар е и цела година не прави 5000 евра промет. Како ќе го казниш ти него?

Експертите забележуваат дека за легалната економија да ја апсорбира сивата, потребни се високи стапки на еконономски раст на подолг временски период.