Еврото разнишано, а денарот?

Стабилноста на еврото поради економската криза е разнишана, а денарот поради врзаноста со европската валута нема да остане без последици, велат експертите.
Поранешниот гуверенер на Народната банка, Љубе Трпески вели дека е нормално кризата во која подолго време се наоѓа еврозоната да предизвика недоверба врз стабилноста на еврото. Валутата се наоѓа во големи искушенија, бидејќи владее банкарска паника во земјите од ЕУ, односно граѓаните си ги повлекуваат своите депозити.

Фирмите што извезуваат во земји каде што се користи доларот ќе ќарат, но тие што извезуваат во Европа се во неповолна положба.


„Од воведувањето на еврото па до денес постои една тивка војна помеѓу двете водечки валути во светот, доларот и еврото и кризата во еврозоната на некој начин ја разнишува позицијата на еврото спрема доларот или ја зацврстува водечката улога на доларот.“
Од воведувањето на еврото па до денес постои една тивка војна помеѓу двете водечки валути во светот, доларот и еврото и кризата во еврозоната на некој начин ја разнишува позицијата на еврото спрема доларот или ја зацврстува водечката улога на доларот.
Љубе Трпески, поранешен гуверенер на Народната банка.

Професор Мирољуб Шукаров вели дека кризата е поради финансиските долгови, што значи дека банките се нападнати и немаат можност за спас, што ќе резултира со пад на еврото во однос на доларот и на другите валути.

„Ние ќе ги трпиме лошите и негативни состојби од кризата во Европа на индиректен начин преку реалниот сектор, преку намалениот извоз и намалените дознаки за странство, а тие се она што нас најмногу ни го покрива т.н. трговски дефицит.“

И според Трпески, судбината на еврото ќе се одрази и врз денарот, а најдебелиот крај ќе го извлечат извозниците.

„Бидејќи онака како што да речеме еврото ја губи вредноста спрема доларот така и денарот ја губи вредноста спрема доларот и тоа ќе биде добро за оние извозници од Македонија кои извезуваат на доларско подрачје, но не е добро за најголемиот дел од извозниците бидејќи извезуваат во еврозоната и извезуваат во евра.“

Шукаров додава дека ќе треба да се внимава на ракувањето со девизите и на трошоците.

„Ќе треба многу внимателно да се ракува со девизните резерви, односно со девизните приливи и одливи и се разбира трошењето и на државата и на реалниот сектор треба да се сведе на нормални рамки за да не излезе од рамнотежа.“

Пред некое време и од Народна банка излегоа со истиот став, дека промените поради проблемите на еврото најмногу ќе ги почуствува реалниот сектор во земјава.