Почина новинарот Јосиф Ќурчиев

Јосиф Ќурчиев ја прима наградата „Жан Моне“ на Европската комисија од поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере.

Новинарот Јосиф Ќурчиев синоќа почина во Скопје на 63-годишна возраст. Погребот ќе биде утре во 11 часот и 30 минути на градските гробишта во Бутел.

Со новинарство почна да се занимава од 1970 година, како новинар во Радио Скопје, каде што беше уредник на информативни програми и новинар во надворешно-политичката редакција. Тој беше долгогодишен соработник на Македонската редакција на Дојче веле и нејзин дописник од Македонија.
Ќурчиев беше колумнист во „Утрински весник“ и публицист.

Во 2009 година ја доби наградата „Жан Моне“ на Европската комисија, која се доделува за анализи и коментари на теми од ЕУ.