Орден за Штуловиот Универзитет

Првата јавно-приватна високообразовна установа во Македонија со доминантна настава на албански јазик - Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕУ) во Тетово, денеска доби одликување од претседателот Ѓорге Иванов - Орден за заслуги за Македонија, по повод десет години постоење.
Формиран е пред една деценија на иницијатива на Макс ван дер Штул, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поранешен министер за надворешни работи на Холандија, кој почина оваа година. Затоа неформално Универзитетот по него се именува и Штулов.
- Формиран во еден за Македонија турбулентен период, верувам дека овој универзитет ги оправда очекувањата на идејниот татко, покојниот Макс ван дер Штул. Но уште поважно, ги оправда и надмина очекувањата на македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество... Од самиот почеток беше еден од примерите и двигателите на реформите во високото образование во согласност со принципите на Болоњската декларација, истакна претседателот Иванов кој одликувањето му го врачи на ректорот на ЈИЕУ Замир Дика.

Ректорот Дика се заблагодари за одлуката на Иванов да го одликува ЈИЕУ зашто, како што рече, со неа покажал интелектуална смелост, чесност и чувство за визија да и додели признание на нетипична високообразовна институција.