Тачи - Незадоволителни 100 дена влада

Претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска ги оцени како незадоволителни резултатите од функционирањето на Владата во првите сто дена од формирањето. Владејачката коалиција, според Тачи, „не постигнала резултати во 10 точки: процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, проектот Скопје 2014, албанскиот јазик и знаме, еницклопедијата на МАНУ, понижувачките учебници за Албанците, 100 илјади ветени вработувања, економско и социјално уништување на Албанците, уништувањето на слободното изразување и пописот“.

Според Тачи, лидерот на ДУИ Али Ахмети е со целосно потрошен легитимитет и во изминатите три и пол години не направил ништо за напредок на евроинтеграциите.

„Имаме цврст став дека Македонија мора да го смени името за да стане членка на ЕУ и НАТО. Ако Ахмети и неговата партија излезат со сличен став ние сме подготвени за разговори по ова прашање. Истото барање го упатувам и кон македонската опозиција да излезат со став дали се за промена на името и дали прифаќаат разговори за нов договор помеѓу Македонците и Албанците за ново уредување на државата“, рече Тачи.