Нападот врз амбасада на САД во Сараево, терористички чин

Претседателството на Босна и Херцеговина синоќа одржа итна седница на која остро го осуди вчерашниот, како што се наведува, тероритички напад со автоматско оружје врз американската амбасада во Сараево извршен од 23 годишниот Мевлид Јашаривиќ од Нови Пазар. Тој по интервенција на специјалците бил ранет и се наоѓал во болница. Според разузнавачки информации, станува збор за припадник на вехабистичката група од село Маоча кај Брчко кој неколку пати веќе бил приведуван од полицијата. Во нападот бил повреден и еден полицаец кој ја обезбедувал американската амбасада. ,,Ова претставува класичен терористички акт,, оцени претседавачот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, додавајќи дека иако Босна и Херцеговина не е терористичка земја, сепак настанот треба на сите да им е поука оти и ова може да се случи. Членот на претседателството Бакир Изетбеговиќ изјави дека истрелите врз американската амбасада се и истрели врз Босна и Херцеговина. Американскиот амбасадор во Сараево Патрик Мун пак оцени дека нападот нема да ги одврати Соединетите држави од она што го работат во таа земја. ,,Соединетите држави им се пријатели на босанските граѓани и ќе останат тука многу долго,, изјави амбасадорот Мун.