Се преговара ли за идентитетот?

Се преговара ли за јазикот и идентитетот во преговорите за името? Во писмото на Иванов до Баросо стои дека јазикот и етничката припадност не се дел од преговорите.
Вклучени ли се јазикот и идентитетот во прегорите за името со Грција, или не?

Прашањето се наметнува по испраќањето на писмото од претседателот Ѓорге Иванов до претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо. Во писмото, меѓу другото, Иванов вели дека македонскиот јазик и етничка припадност не се вклучени во процесот за решавање на наметнатиот спор воден во рамките на Обединетите Нации.
Сите знаеме дека има уште многу детали кои што се дел од преговорите што тие ги бараат, поврзани со опсегот на користење на името, поврзани со промена на пасошите, промена на Уставот, на идентитетот, така што самите преговори се многу посложени.
Изјава на премиерот Груевски пред две години.

Но, власта барем до сега многу пати велеше дека преговорите со Грција се многу посложени и дека и прашањето на идентитетот и јазикот се вклучени во него.

„Сите знаеме дека има уште многу детали кои што се дел од преговорите што тие ги бараат, поврзани со опсегот на користење на името, поврзани со промена на пасошите, промена на Уставот, на идентитетот, така што самите преговори се многу посложени“, зборуваше премиерот Никола Груевски пред две години.

И поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски велеше дека спорот не е само за името.

„Овој спор не е само за името и овој спор има една скриена, а сега веќе станува и отворена агенда да наштети на националниот и јазичен идентитет на македонскиот народ и на македонските граѓани“, велеше
Милошоски.

Професор Стево Пендаровски, кој беше надворешно-политички фаворит на опозициската СДСМ на претходните избори, вели дека секогаш кога власта не сака да влезе во сериозни преговори за името додава елементи кои реално на тој спор не му припаѓаат.
Кога сакаш да го отежнеш решавањето на спорот, поточно кога немаш намера да влезеш во сериозни преговори велиш: не, не, се преговара и за идентитетот.
Стево Пендаровски, универзитетски професор.

„Кога сакаш да го отежнеш решавањето на спорот, поточно кога немаш намера да влезеш во сериозни преговори велиш: не, не, се преговара и за идентитетот. Мандатот, изворниот и засега единствено постојниот на ОН, резолуциите 817 и 845 кои се правна основа за преговори, од тогаш до денес, значи во изминативе 17-18 години никаде не спомнуваат идентитет, јазик, култура, туку зборуваат само за име на државата во меѓународна употреба.“

Професорот по меѓународно право, Владимир Ортаковски, вели дека станува збор само за името. Не станува збор ниту за идентитет, ниту за нешто друго, и кој и да каже нешто поинаку не е во право, вели професор Ортаковски.

„Па тие може да кажат дека и марсовци се спуштиле во Грција и во Македонија, но нема да бидат во право за тоа. Грчката позиција е поинаква, таа излегува од овие рамки што ви ги кажав за ОН, тие бараа 1992-93 година да си го промениме името во кое нема да биде содржан зборот Македонија.“