Должничката криза, нов предизвик

Претседателот на Светската банка Роберт Зелик предупреди дека должничката криза може сериозно да ги загрози земјите во Источна Европа и Западниот Балкан

Според експертите, сериозно треба да се сфатат предупредувањата од Светската Банка дека должничката криза во Европа може да ги загрози земјите од Западен Балкан.
Предупредувањата на Светска банка дека должничката криза може да ги загрози земјите од Западен Балкан властите треба сериозно да ги сфатат, бидејќи може да станат реалност, велат бизнисмените и економистите.
Претседателот на банката Роберт Зелик изјави дека веќе се видливи првите сигнали на кризата на пазарот на акции и обврзници. Грција е пред банкрот, а намелен е и кредитниот рејтинг на Италија.

Професорот Ванчо Узунов вели дека иако земјите од Западен Балкан не се многу меѓусебно економски поврзани, сепак голем дел од БДП се создава од нивната трговска размена и поради тоа што кризата со тек на времето се продлабочува ситуацијата може да стане полоша во Македoнија.
Во не многу далечна иднина ние може да имаме многу поголеми проблеми од овие сега што ги имаме во таквата должничка криза во Западен Балкан која и нас ќе ни стане акутна
Ванчо Узунов, универзитетски професор

Експертите очекуваат пад на извозот и странските инвестиции
x
Експертите очекуваат пад на извозот и странските инвестиции

„Ние се повеќе и повеќе се задолжуваме и јас не гледам тренд на запирање на тоа задолжување, не е во опасност Македонија дефинитивно сеуште, меѓутоа трендот кој оди може да стигне до задолженост. Во не многу далечна иднина ние може да имаме многу поголеми проблеми од овие сега што ги имаме во таквата должничка криза во Западен Балкан која и нас ќе ни стане акутна.“

Мирче Чекреџи од Сојузот на Стопански комори вели дека Италија и Грција, како и еврозоната се наши значајни европски партнери и состојбата во земјите сигурно ќе влијае врз македонската економија.

„Ние неможеме да останаме имуни, меѓутоа кои се позитивни работи е тоа што нашиот банкарски систем е во добра кондиција, значи кај нас финансиска криза не очекувам дека може да настане.“

Ние неможеме да останаме имуни, меѓутоа кои се позитивни работи е тоа што нашиот банкарски систем е во добра кондиција, значи кај нас финансиска криза не очекувам дека може да настане
Мирче Чекреџи, Сојуз на стопански комори

Чекреџи смета дека може да дојде до пад на извозот, односно ќе се намали побарувачката поради кризата и странските инвеститори кои биле заинтересирани за проширувањето на бизнисот може да ги одложат плановите.

„Пад на извозот и долгоочекуваните странски инвестиции повторно да станат проблематични, затоа што кога богатите се во криза тие не инвестираат.“
Слободна економска зона Бунарџик кај Скопје
x
Слободна економска зона Бунарџик кај Скопје

И Узунов вели најпогоден ќе биде извозот.

„Италија и Грција се меѓу нашите најзначајни трговски партнери така што ако со кризите во тие земји дојде до намалување на куповната моќ и осиромашување на нивното население, тие помалку ќе увезуваат од нас и ние ќе се соочиме со тоа да немаме каде да извеземе производи кои што традиционално сме ги извезувале на тие пазари.“

А ќе заостанат и директните странски инвестиции, додава Узунов.

„Никој не инвестира во време на криза, сите чекаат да помине кризата. Во тој период значи ќе има помала економска активност и поради помалиот прилив на странски инвестиции.“

Викендов ќе се одржи есенскиот самит на Светска банка и ММФ каде ќе се разговара за должничката криза во Еврозоната.