Лидерот на опозициската партија СДСМ Бранко Црвенковски денеска најави дека ќе присуствува на свечената собраниска седница, на свечената академија што ќе се организира по повод јубилејот 20 години од македонската независност, и на средбата со премиерот, додека на останатите настани по повод прославата нема да присуствува затоа што, како што вели, централната прослава се сведува на самопромоција на ВМРО-ДПМНЕ и на промоција на споменици од Скопје 2014та. Тој потсети на иницијативите и дејствувањата на СДСМ во последниве 20 години. Од друга страна како одговор на ова директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски изјави дека во овие празнични денови нема намера да се занимава со улогата на СДСМ и Бранко Црвенковски. Тој додаде дека се надева оти СДСМ и Црвенковски ќе смогнат сили да го надминат, како што вели, својот концепт на негација и монополизирање и ќе се приклучат на прославата која не е ни на ВМРО, не може да биде ни на СДСМ.