Неделен печат

Психолошки портрет на Македонецот, привршувањето на трпението на странците за однесувањето на премиерот Груевски - дел од темите во неделниот печат.
Интересен психолошки портрет на Македонецот и на неговиот менталитет прави Глобус во електронското издание во една од своите колумни под наслов: „Тапавост која мисли дека надиграла се' околу себе“. Позајмувајќи од една своја хрватска колешка слична анализа за Хрватите, авторот на колумната Хрватите ги заменува со Македонци и еве што излегува: замислете го менталниот склоп на полуписмен човек, кој едвај дека нешто чита, за ништо нема поим и со години не се мрднал од клупата пред својата куќа. Тоа страшно незнаење што се таложи во нашиот човечки примерок создава во него нејасно чувство на непримереност и затоа нашиот примерок го повторува тоа што го повторуваат другите. Чувството на непримереност се претвора во ароганција, а ароганцијата се манифестира како ридикулизација на светот околу себе, како единствен начин да го сврти своето чувство на беспомошност во своја предност. Тоа го прави сигурен. Значи, таа беспомошна агресивна тапавост која е уверена дека измамила и надиграла се' околу себе е темел на просечниот македонски ментален склоп и потоа, тој понатаму се рефлектира во политиката, во културата, во секојдневниот живот, анализира и ја проектира ова теза, покрај другото, со политичкото однесување на премиерот Груевски и на десницата, воопшто, во Македонија, колумнистот во Глобус.

Странците нема да дигнат раце од земјава, туку ќе дигнат рака на Никола Груевски, се разбира, политички, е насловена колумната во Фокус, во која, покрај другото, авторот ги анализира потезите на власта и на премиерот Груевски, почнувајќи од плановите за кич-парадата, како што пишува, на Денот на независноста при што главна улога ќе имал коњот на Александар на плоштадот во Скопје, па до отсуството на Груевски на прославата на 10-годишнината од Охридскиот договор во Охрид. Привршува трпението на странскиот фактор кон итроштините на нашиот премиер, прво затоа што може да поттикне и малку поголеми водачи во регионот од него на слично чаламење. Второ, затоа што Македонија денес не предизвикува регионални проблеми, но кој може да биде сигурен дека Груевски нема да има и такви амбиции? Конечно, наближува мигот и на српското изјаснување за иднината на Косово, при што Белград ќе мора да расчисти со идејата за поделба на Косово од што зависи и натамошниот потенцијал за инаетливост кај ѓоа преродбенициве, пишува Фокус, за да заклучи дека Груевски задутре и да се согласи на компромис со Грција, довербата кај странците во него е неповратно изгубена.