Собранието го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија

Собранието вечерва со 63 гласа „за“ и 29 „против“ во рамки на продолжението на 4. седница го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија.
Според усвоеното толкување, членот 1 од Законот за амнестија треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.
Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.
Во текот на попладневната расправа пратениците од опозициските СДСМ и НСДП се изјаснија дека ќе гласаат против затоа што со Предлогот се уривала правната држава, а хашките предмети кои од Меѓународниот суд во Хаг беа вратени во Македонија, не смееле да бидат предмет на Законот за амнестија. Наспроти нив, пратениците од ДУИ оценија дека автентичното толкување ќе затвори долгогодишен проблем. Нивните опоненти од албанскиот политички блок ги обвинија за задоцнето реагирање за целосна примена на Законот за амнестија.
Барањето за автентично толкување беше поднесено од пратеници од ДУИ .