Талер - Режимите измислуваат непријатели

Зоран Талер на прес-конференција во Скопје

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Зоран Талер одговори на писмото што го испратија неколкумина македонски новинари.
Во остриот одговор, словенечкиот европратеник пишува дека е се позагрижувачко прикажувањето на одредени поединци, претставници на ЕУ како „непријатели“ на македонската влада и на Република Македонија.

„Во минатото, некои режими биле многу инвентивни во постојаното измислување внатрешни и надворешни непријатели на државата. Успешните демократии се способни да разговараат за проблемите, додека авторитарните режими постојано ги потенцираат своите „успеси“. Се надевам дека Македонија нема да тргне по тој пат“, пишува Талер.

Тој ги повикува авторите на писмото до него да организираат јавна трибина, на која пред камерите на сите медиуми ќе разговараат за прашањата кои ги отвориле во писмото.

Пред неколку дена, новинарите Мирка Велиновска, Дарко Јаневски, Драган Павловиќ Латас и Миленко Неделковски, како и професор Благоја Самаковски упатија писмо до челниците на ЕУ во кое обвинуваат дека амбасадорите Ерван Фуере и Симоне Филипини, како и европратеникот Зоран Талер, со нивното недипломатско и политичко пристрасно однесување, ја дискредитираат и компромитираат ЕУ и земјите кои ги претставуваат.
Овие личности редовно излегуваат од рамките на нивниот дипломатски статус и се однесуваат како пара-политички актери во нашата држава, стои во писмото од новинарите.