Музиката на Серафимовски промовирана во САД

Боби Серафимовски

Македонскиот автор, инструменталист и аранжер Боби Серафимовски, за Јунајтед стејтс муншер компани го објави својот нов албум насловен како Без граници. Наедно за американската издавачка куќа МЈУЗИК ОН МАК АВЕНЈУ РИКОРДС тој има лиценцирано дури 74 композиции што ќе им бидат нудени на продуцентите ширум светот.
„Ви претставуваме прекрасна музика од Македонија, на авторот Боби Серафимовски.“

Ете вака беше најавен новиот албум Без граници на нашиот автор, продуцент, аранжер и мулти-инструменталист Боби Серафимовски на една од специјализираните американски радиостаници што емитува џез музика. Со ова, практично започнува и неговиот пробив на дискографскиот пазар од обете страни на Атлантикот каде случајни нема и каде што за успехот пред се пресуден е само квалитетот на понудата. А, за неговото актуелно остварување авторитетите во оваа област побрзаа да забележат дека е уникатно и дека доаѓа од земја со многу богата културна и историска традиција.
Со мојата менаџерка и со мојот издавач се договоривме насловот да биде едноставно ,,Без граници" бидејќи можеби појдовме од тој факт дека во уметноста, во креативноста, во она што значи создавање на дела, не постојат граници и дека едноставно музиката е јазик со кој можеме да се разбереме со сите луѓе и нации во целиот
свет.

„Со мојата менаџерка и со мојот издавач се договоривме насловот да биде едноставно ’Без граници‘ бидејќи можеби појдовме од тој факт дека во уметноста, во креативноста, во она што значи создавање на дела, не постојат граници и дека едноставно музиката е јазик со кој можеме да се разбереме со сите луѓе и нации во целиот свет.“

Серафимовски, роден 1969 година во Куманово, својата наобразба како музичар ја започнал многу рано - најнапред свирејќи на пијано, а потоа на кларинет. На 14-годишна возраст и се посветува на гитарата и го формира својот прв состав. Потем за него следува период во кој ќе се проба во многу стилови, за да конечно откривајќи го џезот си дозволи да експериментира со себе и со сето она што како музика го твори. Во 2001 година под силно влијание на пребогатиот македонски фолклор ќе го објави албумот Кон корените, а пред две години со куфер полн со песни, благодарение на новите медиуми, решава својот талент да му го претстави на светот. Во таквата настојба први рака ќе му подадат МЈУЗИК МАК АВЕНЈУ РИКОРДС од Лос Анџелес, компанијата во чие јато се светски познатите Ричард Елиот, Стенли Џордан, КАУНТ БЕЈЗИ ОРКЕСТРА, Кајл Иствуд и други.

„Тие ги имаат моите дела, реакциите се одлични од страна на филмските уметници и работници, така што има најава дека набргу може да се очекува дека две до три мои дела ќе влезат во еден филмски проект од американската индустрија.“

По сево ова, на Серафимовски му останува да му се радува на успехот на пилот синглот Зајдисонце на плажа кој се најде на специјализираните топ листи за инструментална и смут-џез музика, да твори и да се подготвува за својот следен исчекор на светската музичка сцена.