На маргините на општеството

Илустрација

Прилепските социјалци се жалат дека се заборавени од општеството. Тие бараат поголема помош и разбирање од државата
Илмие Османоска е невработена прилепчанка, болна стара жена која не успеала ниту да го оствари правото на пензија, зашто никогаш не дошла до работно место. Нема куќа, живее под кирија, се мачи, зашто има многу здравствени проблеми. По трите операции, парите од социјална помош не и стигнуваат само за лекови. Но, друг избор нема, соочена со немаштијата таа се бори секој ден да преживее.
И нашите деца сакаат да јадат, да пијат, сепак еве немам да му дадат сабајле појадок да јадат. Со болно дете сум, инвалидно во количка, апчиња немам пари да му купам.

„Јас сум оболена жена, немам пари да се лечам, немам пари да одам по доктори, еве сега ќе одам на лекар, а три операции сум правена, три илјади денари по болест, а каде кирија плаќам, куќа немам знаат сите, три белешки плаќам, што ми останува 1200 денари, што да правам со нив, кажете ми правдина“, се жали Османоска.

Многу е тешка социјалната состојба и на нејзината соседка од ромската населба Тризла, Џева Исмаилоска.

„Секој сака да јаде, да пие и нашите деца сакаат да јадат, да пијат, сепак еве немам да му дадат сабајле појадок да јадат. Со болно дете сум, инвалидно во количка, апчиња немам пари да му купам, од каде?, реагира Исмаилоска.

Ромската населба Тризла во Прилеп

Неад Усеиноски вели дека државата воопшто не води сметка за ромската популација. Скоро сите жители на населбата се невработени, живеат во многу тешки услови, без надеж и верба дека некогаш ќе биде подобро.

„Болната точка наша е невработеноста, ние што сме невработени чекаме социјална помош, за жал и оваа социјална помош не ни се доделува навреме. Како и сите граѓани што имаат дома да јадат, ние сме сите гладни. А, сите невработени кои умираат од глад, ги стегаат стомаците и ќе лежат дома. Ни дрва, ни брашно, ама немаме ништо. Ова е катастрофа, жал ми е“, вели Усеиноски.

Жителите на Тризла бараат поголема помош и разбирање од државата, не како досега како што велат да бидат оставени сами на себе, на милост и немилост на тешката судбина.
Треба да не сфати државата, после со сила не тера да крадиме, ако крадиме ќе ни одат мажите внатре, ова е срамота, стварно е срамота ова што се прави, кого да го веруваме, кого?

„Треба да не сфати државата, после со сила не тера да крадиме, ако крадиме ќе ни одат мажите внатре, ова е срамота, стварно е срамота ова што се прави, кого да го веруваме, кого?“, вели Шезие Јајоска.

Овие граѓани повеќе не веруваат во политичките партии. Велат, сите доаѓаат само да им ги соберат гласовите, а потоа се е по старо, нивната социјална состојба наместо да биде подобра, се повеќе се влошува.

„Началникот ние го гласавме да биде началник, нема за ниеден, за ниеден. Сите лажат, сите со политика живеат во ѓупците, што е ова, за струја пари немаме, немаме ништо.“

Наспроти овие реакции, од Меѓуоштинскиот центар за социјална работа велат дека контуирано се преземаат мерки во рамките на законот, а им се исплаќа и редовно социјална помош.
Настојуваме да помагаме во остварувањето на нивните права, што значи дека нивното незадоволство сметам дека е неоправдано.


„Секогаш сме расположени и работиме, што може најефикасно и најнавремено да се вршат исплати. Настојуваме да помагаме во остварувањето на нивните права, што значи дека нивното незадоволство сметам дека е неоправдано. Од 2.574 корисници на социјална помош, над 850 семејства се Роми“, вели директорката Снежана Јованоска.

Според неа, токму овој податок говори за грижата на заедницата за оваа популација граѓани.