Да се „бега“ или не?

Azerbaijan - Students with notebook

45 проценти од младите во Македонија имаат желба да ја напуштат земјата. Главна причина – беспарицата. Велат, ако имаш пари убаво се живее и во Македонија.
Бојан од Скопје има 25 години, живее во Скопје, студира и работи хонорарно. За оние кои со високо образование седат дома со скрстени раце без работа, Бојан е среќник бидејки има што да прави во животот. Но дали тоа е доволно?

„Може да се заработи, ама не се многу достапни реално. Ако имам добра пара не би бегал од тука. Кога одиш надвор ништо не ти е понудено на тацна и таму треба да го заработиш и треба да се избориш. Ако веќе тука си се изборил и имаш нешто стабилно, тогаш зошто да си одиш!?“

Бојан не е единствениот кој е подготвен да си ги спакува торбите доколку не му се понуди „нешто стабилно“ во државава. Официјалните податоци покажуваат дека таква желба имаат дури 45 проценти, или близу половина од младите во земјава. Согласно резултатите од анкетата на Младинскиот образовен форум, „свежата крв“ на Македонија смета дека само декларативно се наведуваат како приоритет во дискусиите на политичарите. Според анкетните резултати, најнеподнослив е животот на младите од Велес, Штип и Делчево. Средношколците побарале од владата да ги вклучи во процесот на донесување одлуки и да размисли како ќе изгледа земјата доколку младината се исели од неа.

Зошто вака црна слика? Според претседателот на невладината за млади „Сега“ Зоран Илиоски проблемот е во слабата понуда

„Индикативно е дека највеќе преовладува апатија кај младите, нивната незаинтересираност за поголемо учество во општеството, да покренат промени и да бидат дел од него. Оваа состојба е предизвикана од општата состојба во државата.“

Скопје - Камениот Мост


Дали младите во Македонија страдаат од стекната несигурност ? Илиоски одговара:

„Нашата младина е секогаш подложна на промените кои ги креира самото општество, државата и институциите. Основниот проблем на ваквата ситуација е малиот број места каде што младите може да се вклучат.“

Младинска шема – Кревет, компјутер, кафуле

Што им се нуди на младите во Македонија? Дали единствената опција за овие луѓе е популарно наречената ККК шема или Кревет, Компјутер, Кафуле? Согласно владините реклами, нашата младина треба да чита повеќе, да се образува, бидејки образованието е сила, образованието е моќ и да спортува, за што се градат и нови спортски сали. Во последно време се чини најактуелни се спортските сали. Како тоа придонесува кон подобрување на животот на младите? На ова прашање во неделното интервју на Радио Слободна Европа одговара директорот на агенцијата за млади и спорт Диме Спасов

„Со изградбата на сите спорстки објекти се подобрува квалитетот на живеење на младите луѓе. Од друга страна, со стипендиите кои ги даваме на 500 талентирани млади спортисти придонесуваме за подобрување на животот на младите.“

Но дали сето тоа може да се искористи соодветно? Колку за илустрација, тенисот, барем во Македонија, е познат како скап спорт. За пристоен рекет се потребни од шест до осум илјади денари. Патики кои се соодветни за подлогата се најамлку 2000 денари. Во пресметкава не е вклучена рентата за теренот. Имајки го предвид сево ова, се поставува прашањето дали се оправдани инвестициите во нови спортски објекти ако во услови на криза младите немаат пари ни за патики? Министерот за образование Никола Тодоров вели дека битно е да се инвестира и во нови објекти и во образованието

„Имаме една сериозна реакција, не постои земја која прво станала богата, а потоа почнала да инвестира во образованието и науката. Обратен е процесот.“

Апатија

Ако спортот не е опција, останува можноста за политичко активирање, а ако сте млада личност, барем формално таа можност Ви ја нудат младинските организации на политичките партии. Но дали постои реална можност за придонес кон промена или членувањето во овие организации се сведува на глорификување на лидерите на партијата со надеж за лични придобивки? Илиоски од коалицијата на невладини организации „Сега“ вели дека членството во партија не секогаш подразбира придонесување кон промени



„Иако така изгледа во јавноста дека младите се зачленуваат во политичките партии. 25 посто од младите членуваат во политички партии, каде што пак од друга страна ја немаат можноста да ги искажат своите ставови или да влијаат на политиката на партијата.“

За поактивно инволвирање на младината во политичкиот живот, потребна е посебна стратегија, смета Мерсел Биљали, политички аналитичар:

„За да биде поинаку мислам дека ни е потребна државна долгорочна стратегија, како таа витална структура на населението да ја насочиме кон тоа што значи креативност и идеал. Оваа Интернет генерација во голем број е апатична и не е заинтересирана за промени кои ги тангираат. Малиот број политички активни се главно рефлекс на родителите.“

Од подмладоците на поголемите политички партии за сега не се достапни за коментар. Се чини дека овие ограноци не се промовираа ни во медиумите. Последна активност на подмладоците за која беше информирана јавноста беше посета на младите членови на власдеачката партија во Германија.

Нема работа за оние кои студирале надвор

Но што ако желбата да се бега во странство е посилна од понудата на власта која се промовира преку рекламни спотови? Еден од начините да се „избега“ во странство, па макар и на определено време е за школување. Сепак, најефтината школарина во Америка е 10.000 американски долари, цена која повеќето млади луѓе или нивните родители не можат да си ја дозволат, па од тука стипендирањето мора да се вклучи во „планот за бегство“. Во Македонија има програми и организации кои нудат стипендии, под услов младите да се вратат во земјава по комплетирање на студиите. Но што се случува откако нашите студенти ќе го видат „белиот свет“ и ќе се вратат во Македонија? Дали тука имаат шанси да го искористат стекнатото знаење? На ова прашање одговара Антоанета Иванова, претседател на невладината „Млади Инфо“

„Проблемот се случува кога младите во Македонија всушност ќе се соочат со немањето потребан од нивниот профил, значи немање работа или работни позиции кои ќе им овозможат да го применат она што го научиле во странство.“

Зошто постојат овие потешкотии? Дали дел од причините може да се согледаат во кревката економија, недостигот на инвестиции и државните вработувања по партиска линија кои не секогаш се во согласност со квалификациите? Иванова одговара:

„Сите тие причини може да се каже дека се збир од причини за недостаток од работни позиции. Сметам дека не е дека нема потреба од нивното знаење, има, но во земјата нема доволно капацитети, сепак Македонија е мала земја со лимитиран пазар на труд. Колку и да сметаме дека во земјата има голем број образовани кадри, сепак сметам дека знаењето на оние во земјата дефинитивно се разликува од оние коишто завршиле и дошле од Европа.“

Што останува за младите кои се овдека? Нашиот соговорник Бојан од Скопје вели дека и во Скопје има што да се прави, но проблем се парите

„Животот тука за младите е супер ако имаш пари. Има забава, можеш да излегуваш. Ако имаш добра пара не би гледал да бегаш надвор, и тука се нуди некој живот каков таков.“