Дневен печат

Изјавата на потпретседателот на СДСМ Зоран Заев во фокусот на македонските медиуми.
Зоран Заев – изјава на годината

Зачудува кога и опозициските и провладините медиуми ќе се согласат во едно - дека кога
нешто е негативно, навистина е негативно. ,,Реторика на ниско ниво, а со висок напон,, пишува ,,Утрински,, откако Зоран Заев неславно се прослави со изјавата пред своите сопартијци во Валандово во ноември, а објавена деновиве. Весникот додава дека на политичката сцена, и без избори, станува се' пожешко и пожестоко, наведувајќи ги и народните избраници за време на седниците во Собранието кои не бираат зборови во трката кој кого повеќе ќе навреди, за во едиторијалот да праша: ,,Кој ќе биде изеден?,, - алудирајќи на зборовите на Заев дека ,,живи луѓе ќе јадеме,,- и да констатира дека политиката во Македонија станала фарса. ,,По скандалозниот говор, осуди за Заев од сите страни,, - пишува ,,Дневник,, за иронично да заклучи дека ,,Политиката стана опасна по живот,,. ,,Заев жив го изедоа со критики,, насловува ,,Нова Македонија,, нарекувајќи ја изјавата на Заев - ,,изјава на годината,,. ,,Вечер,, го споредува Заев со Хитлера. За љубов на вистината во ,,Време,, не може да се најде реакција за непромисленоста на функционерот на СДСМ.

Бран поскапувања, криминал...

Сите медиуми ги забележаа најавите за поскапувањата на струјата и на парното греење од
Нова Година, пренесувајќи коментари на граѓани дека новите цени крајно ќе ги изгладнат. Инцидентот меѓу дивите продавачи на петарди и на цигари и полициските ,,Алфи,, на Бит Пазар исто така најде место во пишаните и во електронските медиуми. ,,Утрински,, во насловот нагласува дека ,,Алфите,, претепале малолетник, а граѓаните поставиле барикади на улицата од контејнери, а детален опис на настанот и со цитирање на негови очевидци дава и ,,Дневник,,. ,,Вечер,, инспириран од интервјуто на најголемиот трговец со цигари на Балканот, Станко Суботиќ за белградската телевизија Б 92, излегува со свои наводни ексклузивни податоци како докази за наводниот тутунски криминал кога Бранко Црвенковски беше премиер во 90-тите години на минатиот век.

Медиумска војна?

Како и на политичката сцена, жешко станува и на полето на медиумите, поточно, се разгорува
војната меѓу медиумите на Велија Рамковски и оние чиии сопственици се Стојменов и Иванов-Ѕинго - Канал 5 ТВ и Сител. ,,Време,, како и А1ТВ 5-6 дена се занимаваат со најновата афера - тајното изнесување на над 700 илјади евра од земјава што возачот на Срѓан Керим ги носел во централата на Медија принт Македонија во Виена, фирма со која директорува Керим. Овие два медиума ја пренесоа и изјавата на поранешниот директор на МПМ, Јовановски, во која бара институциите да го решат случајот затоа што парите не биле на МПМ, како и интервјуто на Горан Гаврилов, исто така поранешен директор, кој, пак, смета дека е можно државата намерно да молчела за документот од унгарските царински власти, бидејќи имала намера да го употреби за да ги стави под своја контрола весниците во сопственост на МПМ, ,,Утрински,, ,,Дневник,, и ,,Вест,,. Повикувајќи се на експертизата на американската компанија ,,Нилсен,, која се занимава со набљудување на медиумите во земјава, исто така ,,Време,, објавува дека во изминатите три години Канал 5 и Сител преку Владините реклами добиле 25 милиони евра и дека со тоа директно влијаела на нивната уредувачка политика.