Ваши коментари

Неделава во Хајд Парк рубриката ваши коментари на тема „Дали има пари за остварување на желбите, за дочек на Новата година, за зимски одмор?“
Нашиот слушател потпишан во стилот на новогодишните празници како Дедо Мраз од Северен Пол, дури ја пее од среќа и радост познатата песничка од ТВ-рекламите дека „празници се ближат“, на прашањето во Хајд паркот: Македонците за Нова Година и Божик - Меѓу желбите и можностите, дали има доволно пари за остварување на желбите, за дочек, за зимски одмор? Би рекле, типичен одговор за македонскиот граѓанин: се радува денеска, ќе ја потроши и последната паричка за трпезата за празниците да биде полна, а за утре... ќе мисли утре. Дедо Мраз додава дека за јадење и за пиење секогаш ќе се најде...
За јадење и за пиење секогаш ќе се најде.

Откако министерскиот совет на ЕУ повторно го одложи доделувањето датум за преговори на Македонија, двајца слушатели на Радио Слободна Европа, Филип од Куманово и Миле од Охрид испратиле коментари кои, горе долу, се сведуваат на тоа дека Европа, односно Грција е виновна за тоа, дека во Европа треба да се прашаат зошто Груевски има, според нив, тројно поголем рејтинг од опозицијата и дека не сме се продавале...

Павел од Фурка го коментира говорот на претседателот Иванов во Собранието и неговиот апел до Грците да се однесувале европски со нас, па вели: „Мизерија. Токму затоа си претседател за да ни кажеш што ќе правиме ако Грција не се однесува европски со нас. Тоа не беше говор туку кукумјавчење на недоветно дете“, пишува Павел од Фурка.

Предновогодишно Скопје

Митко од Кавадарци го коментира нашиот текст за продолжената агонија на стечајците и вината за нивната судбина ја фрла врз „СДС-икс“, како што пишува. Митко би сакал и нашево радио, Радио Слободна Европа да било малку послободно и мисли дека Радиото, според него, „е на листата на Сорос“, и вели, „ги терате нивните директиви“.

Анализата на новинар од скопското дописништво на нашето Радио дека „Македонија е сто години зад европските земји“, споредено со нивниот стандард и економија, го инспирирала Јордан од Скопје да напише дека тоа се „премногу црни прогнози и тотален песимизам“. Тој би ги прашал експертите кои го кажуваат ова како, откако настанала светската финансиска и економска криза, веднаш се делеле милијарди евра за да се спасел срамот.
Премногу црни прогнози и тотален песимизам.

Тина, пак, од Скопје смета дека текстот „конечно е една реална анализа за Македонија“.

Дебатата во Собранието за предлогот на опозицијата пратениците да се самораспуштат, исто така, предизвикала неколкумина наши слушатели да коментираат. Свето од Кичево жали што не се родил 40 години порано или подоцна, а Чичко Петре од Скопје прашува на што луѓе сме давале пари. Па заклучува: „Море, метла за сите нив и никакви привилегии да не видат до крајот на животот“.