Газпром ја анализира Македонија

Skopje - Macedonia - Macedonian government representatives meet with representatives from russian Gazprom

Од владата се оптимисти дека земјава ќе се приклучи кон Јужниот Тек. Од Газпром, пак, велат дека најпрвин потребна е опсежна анализа за конечна одлука
Македонија има добри изгледи да обезбеди вклучување во гасоводот Јужен тек или преку продолжување на крак на гасоводот кон земјава или како транзитна рута, а второто решение е потешко остварливо, бидејќи подразбира вклучување на други земји од регионот како Албанија и Косово, ова го изјави министерот за финансии Зоран Ставревски по разговорот со делегацијата на компанијата. Она што е потврдено вели Ставревски е дека врз основа на податоците за идната потрошувачка на гас во Македонија таа ќе биде вклучена во гасоводот.
...се обезбедува не само стабилност туку и чист и обновлив извор на енергија ...


„ Што се придобивките за Македонија: Прво се обезбедува долгорочна стабилност на испораката на гас на еден чист извор на енергија што е круцијално прашање за економскиот развој на земјата. Значи се обезбедува не само стабилност туку и чист и обновлив извор на енергија кој што ќе помогне да се зајакне конкурентноста на македонската економија“

Дали Македонија ќе обезбеди вклучување во гасоводот ќе биде познато по завршувањето на анализите на компанијата Газпром, кои ќе траат отприлика една година. Македонија во Газпром ќе добие сигурен партнер за испорака на газ, вели Леонид Чугунов од компанијата.

„ Ние денеска дојдовме до заеднички став дека потребноста на гас во Македонија, која во секоја година расте, треба да се обезбедува од страна на „Газпром“ преку проектот Јужен поток“

Газпром

Во однос на тоа дали влезот на Газпром во земјава ќе влијае врз привлекување на други странски инвестиции Ставревски вели дека Јужен тек е важен за економскиот развој на земјава и добар знак за потенцијалните инвеститори.

„ Тоа ќе испрати силен сигнал дека има стабилност на гас за сите претпријатија и потенцијални инвеститори во Македонија. Тие ќе имаат стабилен извор на енергија кој што обезбедува и чиста и релативно поевтина енергија во споредба со други. Тоа е позитивно за земјата и ќе испрати силен сигнал до останатите инвеститори од било кој дел на Европа дека Македонија станува поконкурентна и нуди подобри услови во делот на енергетската инфраструктура.“


Во Македонија според првичните резултати до 2040 година би и биле потребни околу два и пол до 3 милијарди кубни метри газ. Но дали тоа ќе се оствари зависи и од договорот на Газпром и потребите на другите земји од регионот. Се уште не се знае колку би чинела инвестицијата, но најверојатно дел од неа ќе биде покриена со договорот за клириншкиот долг на Русија кон Македонија.

Јужниот тек е можност за напредок, сметаат упатените, но...

Професорот и академик, Григор Каневче вели дека преку Јужниот тек е во план да се зголеми протокот на гас во европските земји и во Македонија, што позитивно ќе се одрази врз пазарот со енергија.

,,Реално се очекува зголемено користење на гасот, со што би се овозможило и на домаќинствата и на комерцијалниот сектор и на индустријата низ цела државата, уште еден алтернативен извор на енергија, со тоа секако и поголема конкуренција меѓу снабдувачите со енергија и пониски цени."

Треба да се провери кои се условите и од финансиски аспект и од евентуални други прашања што рускиот партнер може да ги постави ...


И за професорот Атанаско Тунески корисно би било за Македонија приклучувањето во гасоводот за задоволување на енергетските потреби на земјата, но најпрвин треба да се видат условите под кои Газпром би го прифатил договорот.

,,Треба да се провери кои се условите и од финансиски аспект и од евентуални други прашања што рускиот партнер може да ги постави. На пример во случајот со Србија, рускиот партнер бараше да биде стратешки партнер на купувањето на нафтената индустрија на Србија, дали нешто слично овде ќе се случи ќе видиме."

Карта на Јужниот тек

Тунески додава и дека за разлика од проектот за изградба на гасоводот Набуко на Европската унија со цел да се намали руската доминација на пазарот на енергија реализацијата на проектот на Газпром е пореална и поперспективна. Но, според него иако ќе се зголеми влијанието на Русија тоа не треба да ја загрижува Унијата.

,,Западна Европа или воопшто ЕУ нема многу избор тука, нема други шанси за на друг начин да ги реши своите енергетски потреби, така што влијанието ќе се зголеми, но Русија е партнер на ЕУ, не е спротивставена страна."

Гасоводот Јужен тек е предвидено да почне со работа во 2015 година, а целата инвестиција изнесува над осум и пол милијарди евра.