Дневен печат

Грешките во учебниците, ,,гафот" на претседателот Иванов со европатеничката Дорис Пак, главни теми во дневните печатени медиуми.
Секое чудо за три дена…не за џабе народниот ум го измислил ова кажување. Учебници, грешки во еден учебник, грешки во два, кој ќе знае дали има грешки и во други…речиси на десетина дена пред почетокот на школската година. И толку. Приказната завршува со следниве наслови уште пред три дена: ,,Учебниците ризични за учениците,, во ,,Дневник,, ,,На ревизија сите одобрени учебници,, во ,,Утрински,, ,,Децата ќе учат од потенцијално неточни учебници,, во ,,Нова Македонија,, ,,Вечер,, го цитира министерот Тодоров дека ,,На ревизија ќе одат сите одобрени учебници,, а ,,Време,, дека ,,Учебниците ќе се делат, па ќе се проверуваат,,. А потоа, вниманието на медиумите го предизвикува новиот гаф на претседателот на државата Иванов со европратеничката Дорис Пак. Таа во кусата средба во Сребреница наводно му рекла дека уште во 1995 година македонскиот естаблишмент ја одбил понудата на меѓународната заедница да почне преговори за членство во НАТО и во ЕУ под привремената референца, што таа го демантира и се закани дека ќе го тужи
претседателот за лагата, а претседателот сета вина ја фрли врз домашните новинари дека наводно не го разбрале: ,,Нова Македонија,, најавува дека ,,Дорис Пак се заканува ќе го тужи Иванов,, ,,Дневник,, дека ,,Иванов ги наклевети новинарите,, ,,Утрински,, дека ,,Дорис Пак му се заканува на Иванов,, и вториот ден дека ,,Дорис Пак и Иванов се смирија,,. Особено ,,Дневник,, и ,,Утрински,, се заинтригирани од најавите дека на редовното есенско заседание на Генералното собрание на ОН каде што досега секогаш одел претседателот на државата, сега се најавува дека ќе оди премиерот Груевски, па ,,Утрински,, пишува дека и во ,,двата Кабинета молчат околу скандалот со настапот,, во светската асамблеја и прашува дали се ближи крајот на политичката идила помеѓу претседателот Иванов и премиерот Груевски,,.Повеќе медиуми се загрижени од фактот што со новиот ребаланс на буџетот за Антикорупциска се предвидени пари само до крајот на месецов: ,,Утрински,, пишува дека Владата го стега ременот околу Антикорупциска и дека се' повеќе се зголемува притисокот врз работата на оваа институција откако доби нов поактивен претседател, а ,,Време,, пишува дека власта со закон ќе ја крши антикорупциска. Имено, со предложените измени во Законот за спречување на корупција се предвидува мандатот на членовите да се скрати од 5 на 4 години, а не е исклучена можноста предвремено да биде разрешен и сегашниот состав. ,,Нова Македонија,, ,,Утрински,, и ,,Дневник,, забележуваат дека опозицијата и власта и по годишниот одмор не можат да се договорат и тоа околу работата на комисијата со која треба да се затвори јулскиот инцидент во Собранието, а ,,Вечер,, од тоа го вади на насловната намуртениот Бучковски со наслов ,,Бучковски пак и' се пушти на Бонева,,. Инаку, ,,Вечер,, објавува дека во Грција ,,не смеете јавно да го покажете ни личниот приврзок доколку е црвено-жолт,, дека кланот на Заеви поседува ергела луксузни автомобили, и дека Медведев доаѓа во Македонија, но насловот на крајот има прашалник и извичник.