САД - Кратење на воените трошоци

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс најави големи намалувања на трошоците во рамките на Министерството за одбрана. Планот вознемири некои конгресмени, но Гејтс рече дека тоа е само почеток и оти ќе следуваат натамошни кратења во одбраната.
Најавата на министерот Роберт Гејтс беше првиот чекор во неговите заложби за да се заштедат 100 милијарди долари од воениот буџет на земјата.

Тој вели дека парите се потребни на друго место во рамките на Министерството за одбрана, односно за опоравување на силите по неколкугодишните војни и за подготовка на војниците за идните операции.

„Во мај се јавив во Пентагон за да се направи преглед како работи Министерството и како е организирано и управувано. Заклучив дека нашите штабови и бирократијата за поддршка, како цивилните, така и воените, се тромави и чинат премногу. Тоа особено се манифестираше во изминатава деценија.“
Како резултат од војните, ова министерство презеде нови мисии и одговорности кои бараа нови високи воени и цивилни позиции. Но, тоа доведе до ситуација каде што персоналот на повисок ранг извршува работи кои разумно би можело да ги извршува и персонал од пониските рангови.

Гејтс прецизира дека станува збор за прва од многуте неефикасности кои планира да ги открие, додавајќи дека Министерството за одбрана мора да ги оддели своите апетити од реалните барања.

Годишниот буџет за одбрана на САД е околу 700 милијарди долари, а во него се вклучени и трошоците за војните во Ирак и во Авганистан.

Секретарот за одбрана Роберт Гејтс и началникот на генералштабот на американската армија, адмиралот Мајк Мулен

Со рестрикцијата е предвидено затворање на една од воените команди, намалување на користењето надворешни изведувачи и кратење на персоналот, вклучувајќи тука генерали и адмирали.

„Како резултат од војните, ова министерство презеде нови мисии и одговорности кои бараа нови високи воени и цивилни позиции. Но, тоа доведе до ситуација каде што персоналот на повисок ранг извршува работи кои разумно би можело да ги извршува и персонал од пониските рангови.“

Најголемиот удар го претрпе Командата на заедничките сили која се наоѓа во пристанишниот град Норфолк, Вирџинија, на 330 километри јужно од Вашингтон.

Во Командниот центар се вработени 2 илјади и 800 лица, а тој е поддржан и од 3 илјади надворешни изведувачи. Годишните трошоци на Центарот се околу 250 милиони долари.

Гејтс, на функцијата е поставен од поранешниот претседател, републиканецот Џорџ Буш, а позицијата ја задржа и по доаѓањето на демократот Барак Обама.

Меѓу членовите на Конгресот, тој ја има поддршката од двете партии. Но, неговата одлука за елиминирање на работни места и за намалување на трошоците ќе погоди многу Американци и тоа таму каде што најмногу ги боли - во нивниот паричник.

„Исто така овластив секој од воените оддели да разгледаат консолидација или затворање на вишокот бази или објекти. Ова очигледно е политички чувствителна тема. Но, тешкото не значи и невозможно. Се надевам дека Конгресот ќе работи со нас да се намалат непотребните трошоци во овој дел на одбраната“, изјави Гејтс.

Реакцијата на Конгресот дојде веднаш од некои пратеници, кои најавија дека Гејтс тешко би можел да смета на одобрување на неговите одлуки во Капитол Хил.

Сепак, претседателот Обама ги пофали неговите напори да го реформира, како што изјави, начинот на кој работи Пентагон.