Крводарителството во Куманово

Крводарителска акција во Македонија

Црвениот крст во Куманово редовно организира акции за крводарителство кои главно се масовни.
Црвениот крст во Куманово, повеќепати во годината, организира разни акции за крводарителство. Главно сите се масовни, а покрај повеќекратните крводарители се вклучуваат и нови, млади и од сите етнички заедници. За дарителите на непроценливата течност што живот значи, трета година по ред, веќе традиционално се организира и еднодневна екскурзија во некоја од нашите туристички дестинации. Новина е тоа што на последната крводарителска акција крводарителите ќе добијат и ваучери, објаснува Иле Митковски, секретар во Црвениот крст.
Нема сомнение дека ќе имаме масовна акција, зашто нашите граѓани се навистина хумани.


„Во летните месеци е зголемена потребата, народот е пораздвижен, па има и повеќе повреди. На вонредната крводарителска акција крводарителите ќе добијат и ваучери за бесплатна еднодневна екскурзија во Дојран. Нема сомнение дека ќе имаме масовна акција, зашто нашите граѓани се навистина хумани“, вели Митковски.

Кумановци ги поддржуваат овие хумани акции и сметаат дека нема ништо похумано од спасување на човечки живот. Тоа е непроценливо богатство и секој што дарува крв чини добро и на самиот себеси и на оној кому крвта му е неопходна, велат кумановци.
Досега имам дарувано крв 18 пати и имам право уште еднаш да дарам крв, оти потоа ќе наполнам 65 години. Ја чекам таа
шанса.


Крводарителска акција

„Со секоја капка спасува живот.“

„Мислам дека е во ред да се дарува крв.“

„До сега имам дарувано крв 18 пати и имам право уште еднаш да дарам крв, оти потоа ќе наполнам 65 години. Ја чекам таа шанса.“

„Треба да се дарува крв оти треба едни на други да си помогнеме. Сите сме луѓе.“

„Крвта е богатство.“

„Еден на друг си требаме. Сите сме луѓе, еден на друг треба да си помогнеме, за да може човек да живее.“

Кумановци, пред транзицијата доброволно даруваа крв на акциите во нивните фирми. Меѓутоа и во периодот на транзицијата, кога сиромаштијата им тропна на вратата тие не се откажуваат од овој хуман гест, кој како што велат некои, им станало навика и пријатно чувство што на тој начин помагаат на некој непознат кому му го спасуваат животот. Крв може да дарува секој здрав граѓанин од 18 до 65 годишна возраст. Мажите може да даруваат четири, а жените трипати годишно.