Сребреница, 15 години

Последна молитва за жртвите во Сребреница

Молитви, проекции, марш на мирот, секој на свој начин го одбележа датумот на кој пред 15 години беше извршен геноцид врз повеќе од 8.000 муслимани
Со комеморација во Меморијалниот центар Поточари и закопот на 775 идентификувани жртви се одбележува 15-годишнината од геноцидот во Сребреница . Семејствата на жртвите кои им оддадоа последна почит, велат дека ова е најтажниот ден во нивниот живот, но истовремено се и среќни што конечно знаат каде ќе почиваат нивните блиски. Претседателката на здружението „Сребренички мајки“, Хатиџа Мехмедовиќ, опкружена со други мајки кои меѓусебно се тешеа, на овој ден ги закопува двајцата синови и мажот.

„Долго живеев за овој ден, за кој сега гледам дека е најтежок во мојот живот. Ако го преживеам овој 11 јули ќе продолжам да се борам и останатите мајки достоинствено да си ги закопаат своите синовии, да знаеме каде нашите најмили почиваат. Да не даде господ на никого на ваков начин да се збогува со своите блиски.“

Со десетминутно читање на Куранот и заедничко клањање, семејствата, роднините, соседите се збогуваа со жртвите. Освен погребната церемонија за муслиманите, беше изведен и обред за еден католик, Рудолф Хрен. Семејството на Хрен се доселило во Сребреница пред 50 години. Руди, како што сите го викале, бил фудбалер во локалниот клуб и омилен во целиот град.
Од семејството на Хрен, единствено жива е мајка му. Таа вели, барем овој син да го закопа поп. Помладиот син и мажот и, кои исто така загинале во војната ги закопал имам, зашто немало поп.

„Такви времиња беа тогаш, војна, не размислувам дали тоа е грев или не“, вели мајката на Рудолф.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Перформанс "8.372"



Проекции на филмови, марш на мирот, изложби на фотографии, оставање на чевли, секој на свој начин го одбележа датумот на кој пред 15 години беше извршен геноцид врз повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња. На одбележувањето на годишнината учестуваат и 5.000 луѓе од селото Назук во Босна, кои во средата тргнаа пеш кон Сребреница. Три дена пеш по патека која не е ни најмалку лесна, планински предели, густа шума. Тоа е истата онаа патека по која бегале во 1995 да се спасат, раскажува Мевлудин Хрњиќ, кој е единствениот преживеан член на семејството. Додека бегале, загинале неговите двајца двајца браќа и татко му.

„Да ви кажам дека 80 денови го преживував сето тоа. И после неполни 3 месеци преминав на спротивната страна. Осумдесет дена без храна, без никакви хигиенски услови, живеејќи во страв, цело време се криев, навистина тешко. Посебно ми е тешко кога ќе се вратам во Сребреница од каде избегавме во 1995-та и кога ќе се сетам што ни се случуваше.“
Меморијалниот споменик во Поточари, посветен на жртвите од Сребреница

15-годишнината од геноцидот, на свој начин го одбележа и здружението „Жени во црно“. Долж белградската главната улица Кнез Михајлова, луѓето оставаа чевли, кои симболично ги преставуваа жртвите во Сребреница. Здружението има иницијатива, во Белград да се постави споменик на жртвите. Стотици чевли од оние детските, па до домашни папучи и патики, а во нив пораки, да не се заборави злоделото. Една од оние кои оставија чевли и порака е и културологот Милена Драгичевиќ Шешиќ.

„Мислам дека напишав дека сакам сите да знаеме, моите деца да знаат, моите пријатели да знаат дека Сребреница е најголемиот срам за српскиот народ во минатит век.“

Настанот се одржа и покрај заканите на екстремните десничарски органицазии. На денешната церемонија во Сребреница присуствуваат и претседатели на држави и на влади од земјите од регионоти и преставнци на меѓународната заедница.